Skip to main content

Плаошник претесен за верниците

Македонија денес го празнува Денот на Св. Климент Охридски, со кој се одбележува делото на првиот оригинален словенски писател и просветител, првиот словенски епископ и творец на Охридската книжевна школа. Охриѓани го посетија светиот храм на Плаошник со цел да се поклонат пред моштите на овој светител и да се помолат за здравје и благосостојба.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Македонската православна црква денеска го празнува споменот на својот патрон, свети Климент Охридски – Чудотворец кој е еден од најистакнатите ученици на светите браќа Кирил и Методиј и првиот македонски архиепископ. Творец е на познатата Охридска книжевна школа и најзначајниот македонски средновековен писател и педагог. Со својата активност и со своето дело на повеќе полиња, тој стана заслужен не само за македонскиот народ туку и за целиот христијански свет. Денес охриѓани го посетија светиот храм на Плаошник со цел да се поклонат пред моштите на овој светител и да се помолат за здравје и благосостојба.

Меѓу верниците беше и градоначалникот Никола Бакрачески кој рече дека за него Св. Климент Охридски е најимпозантната фигура во историјата на македонскиот народ.

Преставува едно вдахновено чувство со оглед на тоа што Св. Климент Охридски е навистина нашиот прататко, нашиот патрон, создател на охридската книжевна школа на првиот сесловенски универзитет и еден од најголемите учители на сите времиња и етичар кој не подучува и денес на најхуманите вредности, на традиционалните вредности и на кротоста и на добрината меѓу луѓето, рече градоначалникот.

Се претпоставува дека Св. Климент е роден околу 830/840 година. Починал на 27 јули според стариот односно на 9 август според новиот календар во Охрид. Со божествена литургија и со врачување на државната награда „Св. Климент Охридски“ за годинава денеска во Македонија се одбележува празникот Свети Климент. Со низа активности и општина Охрид го празнува својот патрон.