Skip to main content

Охрид окован во мраз

Снегот кој заврна пред една недела и кој се претвори во мраз го парализира градов. Од ЈП „Комуналец“ се вадат на ниските температури поради кои не можела да функционира механизацијата. Локалната распишала и тендер за ангажирање фирми кои ќе ги чистат локалните патишта, но тендерот само делумно е успешен.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Охрид окован во мраз. Десеттина сантиметри снег  кој наврна пред една недела и кој не се исчисти навреме поради ниските температури, замрзна па сега градот е едно големо лизгалиште. Уште еднаш излегоа на површина сите слабости и пропусти во функционирањето на надлежните служби и претпријатија. Иако надлежните уште пред  да заврне снегот одржаа неколку состаноци и будно ја следеа состојбата, на терен изгледа дека не се справија најдобро со не толку големиот по обем снежен нанос. Причината ја гледаат во ниските температури.
 Можеби на граѓаните им изгледа дека градот не е исчистен ама треба да разберат дека на овие ниски температури  механизацијата не функционира и може да дојде до нејзино оштетување. Денес бидејќи температурите се малку повисоки интензивно се работи на терен, вели портпаролот на Локланата самоуправа, Томе Џамтоски.
Локалната распишала тендер за изнаоѓање фирми кои ќе се нафатат да ги исчистат улиците од снег и мраз.  За таа намена од буџетот се издвоени 1 500 000 ден. Тендерот се состои од четири дела и најмногу се однесува на чистење на патиштата во руралните средини. Првиот дел кој се однесува на населбите северно од булеварот „Железничка“, вториот дел кој се однесува на улиците под булеварот „Железничка“, и третиот кој ги опфаќа селата во рамките на Националниот парк Галичица, пропаднале бидејќи не се јавила ниту една заинтересирана фирма.
Четвртиот дел од тендерот ги опфаќа селата од Опеница до Завој и Плаќе и го добила фирмата „Марково долче“ која веќе работи на терен.
За жал ниту една фирма не се пријави за останатите три дела од овај тендер и уште утре ќе биде распишан нов и се надеваме дека овој пат ќе биде успешен и ќе се пријави фирма која ќе ги расчистува овие приградски или рурални средини, вели Џамтоски.
Во членот 7 од Законот за јавна чистота се пропишува дека одржувањето на јавната чистота и чистењето на снегот и мразот во зимски услови на јавните површини го врши јавно претпријатие за комунални услуги, основано од општината. Во Законот уште стои дека Општините, се должни да го исчистат снегот од јавните површини најдоцна во рок од 6 часа од почетокот на снежните врнежи.
Граѓаните кои ќе настрадаат поради нерасчистените снег и мраз може да ја тужат локалната самоуправа и комуналното претпријатие.