Skip to main content

Во Вевчани одржан традиционалниот карневал

Во Вевчани одржан традиционалниот карневал.

 |  Валентина Неловска  | 

Вевчанските василичари ја продолжуваат карневалската традиција со вековните обичаи. Голем број гости и  маскирани  учесници со дефиле го одбележаа доаѓањето на православната нова година по јулијанскиот календар. Според традицијата карневалот започнува  во пресрет на Нова година според стариот календар  на празникот Василица , а старта година се испраќа со најразлични маски.За време на карневалот, маскираните ја имаат сета слобода во „поставување на светот наопаку“, слобода во која до израз доаѓа креативноста и духот, смислата за импровизација, критика и иронизирање. И овој пат вевчанци покажаа дека се инвентивни и ги отслика актуелните настани и ги карикираа аномалиите на секојдневниот живот.

Традиционалниот „Вевчански карневал“ и овој пат привлече голем број гости од регионот и пошироко. Имаше посетители од САД, Англија, Бугарија, Србија.
Некои од нив за карневалот дознале на интeрнет, за некои доаѓањето во Вевчани на овој ден значи враќање кон корените на нивните семејства кои во минатото заминале од ова печалбарско планинско село.


Вевчанскиот градоначалник Цветомир Угриноски истакна дека и овој пат се погрижиле да ги пречекаат со својата гостољубивост и традиција сите добронамерници на карневалот, со чашка топла ракија, греено вино, луканците  и вевчанскиот кашаник. Угриноски  истакна дека тие немаат  влијание  кои маски ќе бидат прикажани  од двете карневалски друштва од Горана и Долна маала.  

„Тие имаат свои претседателства, во тајност ги држат маските. Ние учествуваме само во органзирање на културно забавниот живот и како локалната самоуправа немаме удел во маските“, кажа Угринсоки.  

Вевчанскиот карневал е еден од најголемите и најуникатните културни знаменитости на Македонија. Се издвојува  со своите специфичности од останатите во светот со  архаичноста, традиционалноста, таинственоста и уникатните маски. Забавата започна синоќа со концерт на ДНК,  Нокаут и групата Фрајле од Нови Сад, а вечерва продолжува со настап на македонски музичари Јордан Митев, Анета Наковска и Ефто Пупиноски.