Skip to main content

„Танцот со пастрмките“ пред очите на охридската јавност

Документарниот филм „Танцот со пастрмките“ промовиран пред охриѓани. Овој филм  изобилува со ексклузивни подводни снимки од мрестот на охридската пастрмка , а најнесекојдневна и можеби неповторлива е онаа кога искусниот нуркач Милутин Секулоски бакнува матица која се мрести во водите на Охридското Езеро.

 |  Јаковлева Лионела  | 

„Танцот со пастрмките“ пред очите на охридската јавност.  Во овој документарен филм  на меѓународниот нуркачки инструктор Милутин Секулоски, кој премиерно беше прикажан синоќа во центарот за култура „Григор Прличев“ е прикажан мрестот на охридската пастрмка во месеците јануари и февруари. Докумантарниот филм „Танцот со пастрмките“ изобилува со ексклузивни подводни снимки. Најнесекојдневна и можеби неповторлива е онаа кога искусниот нуркач Милутин Секулоски бакнува матица која се мрести во водите на Охридското Езеро.

Пастрмката за време на мрест е многу смирена, но сепак професионални и искусни нуркачи кои сакаат да и се доближат блиску мора да внимаваат на многу детали, дури и на испуштањето на воздух бидејќи таа е мошне чувствителна, се плаши и бега, вели Секулоски.

За потребите на снимањето на филмот кој трае 27 минути направени биле педесеттина часа материјал и повеќе од стотина нуркања. Се нуркало на длабочина од 2-15 метри, а некогаш и до 40 метри , а за време на снимањето екипата се соочила со голем број проблеми, бидејќи поради планктонот снимањето и фотографирањето под вода било исклучително тешко. Така од 30-40 минути снимен материјал колку што правеле за време на едно нуркање едвај една минута можеле да искористат. Во филмот можат да се видат и снимки на угинати пастрмки заплеткани во некоја од стотиците мрежи кои несовесните рибари ги оставиле на местата каде природно се мрести овој ендемски вид риба.

Во овие пет години кога го снимавме документарниот филм дојдовме до заклучок дека охридската пастрмка, за жал, ја има се помалку и помалку. Благодарение на вештачкиот мрест рибниот фонд на пастрмката полека се обновува, но мислам дека не е доволно само тоа. Мислам дека треба можеби да се прогласи мораториум од 10 – 15 години за да се врати онаа популација што ја имавме пред петнаесеттина години, вели Секулоски.

Со прикажувањето на документарниот филм „Танцот со пастрмкте“ започна одбележувањето на големиот христијански празник Богојавление – Водици. По завршување на документарниот филм отворена беше изложба на подводни фотографии која имаше продажен карактер. Собраните средства ќе бидат донирани за помош на социјално загрозени граѓани.