Skip to main content

Загрижувачка е состојбата со охридската пастрмка, алармира претседателот на риболовното здружение Св.Апостол Петар

Загрижувачка е состојбата со охридската пастрмка,алармира претседателот  на риболовното здружение Св.Апостол Петар

 |  Валентина Неловска  | 

Состојбата со ендемичниот вид охридска пастрмка е повеќе од загрижувачка, тврди   Радован Димитриески, претседател  на риболовното здружение Св.Апостол Петар. Од сознанијата кои ги имаме од терен за да се врати рибниот фонд во Охридското Езеро се потребни најмногу 40 години, уверува Димитриески. За жал, истребување и се заканува и на белвицата, а за неа ќе требаат 60 години за да се врати во нормала, додава  Димитриески.


„Ние сме против вештачкиот мрест. 20 години наназад  се врши вештачки мрест, се порибува езерото со 2 милиони рипчиња. Но, за жал, се помалку има охридска пастрмка. Тоа значи дека се лови со погрешни мрежи, подмладокот се фрла на погрешно место, со погрешни дименизи и во погрешно време“, вели Димитриески.

Бараат 10 -те милиони денари,  пари кои државата ги дава за порибување,  да се пренаменат и да се воспостави целосна контрола на езерото.

„Видовме дека претходно не се вршеше вештачки  мрест  со охридската белвица и ја имаме повеќе, а во моментов се спрема хаос. Во риболовната основа врз која се доделува концесијата пишува дека во ноември најмногу се мрести белвицата, а тогаш му е дозволено на концесионерот да ја лови. Карактеристично е тоа што приносот  на белвицата во Охридското Езеро е 17 тони, а на концесионерот му е дозволено да лови 25 тони“, посочува Димитриески.

Според Димитриески охридската  пастрмката треба да се остави  сама да се измрести. Предлага да се продолжи со обнова на рибниот фонд за да се направи матично јадро од  2 -та милиони икри кои во сезоната на мрест ги собира Хидробилошкиот завод.