Skip to main content

Охридските туристички водичи постојано се соочуваат со проблеми

Охридските туристички водичи постојано се соочуваат со проблеми.

 |  Валентина Неловска  | 

Охридските туристички водичи бараат решенија за надминување на слабостите во професијата. Денес  нивното здружение Кеј се состана со  претставници од повеќе инспекциски служби, УЈП и министерството за труд и социјална работа со цел да се изнесат проблемите кои им задаваат главоболка пред новата туристичка сезона. Климент Наумов , претседателот  на здружението на туристички водичи „Кеј“ е задоволен од тоа како нивните права ги штити државата. Сепак на денешната средба ќе бараат измена на членови од Законот за туристичка дејност, но ќе бараат и решавање на нивниот  работен статус и остварување на пензиско осигурување. Наумов напоменува дека некои работи се подобрени во професијата, но има пречки на кои треба да се работи. Тој ги посочува измените во програмата за полагање на стручен испит за водичи и  сузбивање  на појавата со нелиценцирани водичи, но посочува и нови појави.

„ Навлегуваат на наша територија пратители од странски туристичка агенции кои се обидуваат да изигруваат туристички водичи, се санкционираат од инспекциските органи , но поради малиот број на инспектори и недоволната екипираност се провлекуваат и не се казнуваат“, вели Наумов.

Професор д-р Науме Мариноски од ФТУ во овој сегмент за да се подобри квалитетот на туристичките водичи  посочува на потребата од поголема активност на инспекциските служби. Тие треба да ја сузбијат нелојалната конкуренција, а во домен на ФТУ е да се подобри едукативниот процес, нагласува професорот.

„Сметам дека на водичите им недостасува оперативна активност, непосредна  практика на водење  и со усвојување  на студиската програма која е неформално образование. Обуките ќе имаат практичен карактер“, појаснува проф. Мариноски.

Претседателот на охридското  здружението на водичи „Кеј“ Наумов покрај изнесените  проблеми кажува и на други негативни појави во професијата туристички водич. Укажува на потребата од елеминирање на меѓусебната нелојална конкуренција каде што некои водичи ја рушат единствената тарифа за водење групи дури и за 80 посто, потоа од воспоставување соработка со туристичките агенции и хотели како и надминување на појавите од  неквалитените кадри кои се продукт на туристичките агенции.