Skip to main content

Колку си ја познаваме историјата

Колку си ја познаваме историјата. Денес во јавност излегоа информации дека на денешен ден бил роден големиот револуционер Христо Узунов. Поголемиот дел од историчарите го негираат овој податок, тврдејќи дека роденденот му е на 22 октомври. И документите кои се наоѓаат во спомен куќата на Узунов го потврдуваат тоа.  Историската поставка која се наоѓа таму е од непроценливо значење, но слабо е посетувана од туристите.

 |  Јаковлева Лионела  | 

На денешен ден е роден големиот револуционер, Христо Узунов. Оваа информација која е пласирана во јавност е неприфатлива за поголемиот број историчари. Тие велат дека единствен автор кој 22 февруари 1878год. го смета за роденден на Христо Узунов е првиот библиограф на Узунов, а тоа е Анастас Митрев кој 1953год. ја објавил монографијата за овој наш револуционер.

Сите подоцнежни податоци кои ги имаме, белешки и објавени научни дела за роденден на Христо Узунов го одбележуваат датумот 22 октомври 1878год. Тој датум не се зема паушално туку се заснова врз голем број податоци, документи, писма и свидетелства на Узунов, вели кустосот Горан Митревски.

Митревски кажува дека голем дел од овие документи се наоѓаат во спомен куќата на Христо Узунов која всушност е неговата родна куќа каде тој живеел се до неговата смрт. Историската поставка која се наоѓа тука е од непроценливо значење бидејќи крие многу информации од времето на илинденското востание и животот кон крајот на 19тиот век. Тука се наоѓа училишната плоча од населбата Кошишта каде Христо Узунов заедно со Методија Патчев во периодот од 1896 до 1898 год. работеле како учители, бастумот на Узунов во кој има скриен меч. Спомен куќата на Христо Узунов крие и две многу значајни реликвии. Тоа се брадата и ќесето на овој наш голем револуционер и визионер. И двете се стигнати во Охрид после макотрпни залагања на сега веќе покојниот кустос Никола Целакоски. Овај музеј навистина вреди да се стави на мапата на културно-историски споменици во градов кои треба да се видат. Митрески кажува дека засега најчесто посетуван е од домашни гости, а понекогаш организирано доаѓаат и ученици со нивните професори по историја.

Морам да признам дека странските туристи многу ретко ја посетуваат спомен куќата на Христо Узунов. Тие или многу малку знаат за овој наш револуционер или воопшто не знаат за случувањата во 19тиот век во Македонија. Кога доаѓаат во куќата се воодушевуваат од делото на Христо Узунов, но и од амбиентот на самата куќа бидејќи е типичен за периодот на 19тиот век, објаснува Митрески.

Митрески потенцира дека и градот и државата треба повеќе да се заложат за истакнување на делото на овој наш македонски револуционер и визионер. Тој ја поздрави идејата на претходната локална власт за поставување споменик кај малиот плоштад посветен на овој наш идеен деец и посака оваа локална таа идеја што поскоро да ја реализира.