Skip to main content

Се бараат партнери за продолжување на проектот „Допри ја културата, почувствувај ја уметноста“

Се бараат партнери за продолжување на проектот „Допри ја културата, почувствувај ја уметноста“. Со овој проект кој заврши пред три години им се овозможи на слепите лица и лицата со оштетен вид да ги посетат нашите музејски поставки и преку допир и звучни сигнали да добијат информации за артефактите кои се наоѓаат таму. Музејските работници велат дека се задоволни од првата фаза на реализацијата на проектот, но бараат тој да се развива и понатаму.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Слепите лица и лицата со оштетен вид можат да ја почуствуваат културата. Завод и музеј Охрид заедно со Здружението за слепи лица од Охрид уште пред три години изработија  проект со наслов „Допри ја културата, почувствувај ја уметноста“. Со него требаше да им се овозможи на слепите лица и лицата со оштетен вид подобар пристап до просториите со музејските збирки и експонати во Охрид. Идеата за еден ваков проект потекнала од проблемите со кои се соочило охридското здружение на слепи лица кога поголема група на слепи лица и лица со оштетен вид кои биле гости во нашиов град посакале да ги посетат музејските поставки. Бидејќи не е дозволено да се допираат артефактите во музеите тие не можеле да добијат никаква претстава за каков експонат станува збор. Истото се случило и кога педесеттина слепи лица го посетиле музејот на македонската национална борба во Скопје. Проектот заврши, музејските работници ги поминаа обуките, но кои се бенефитите од него.


Проектот беше за наша обука и ние таа обука ја завршивме, изработивме тактилни мапи и имавме соработка со слепите лица. Тие беа многу задоволни, проектот беше успешен меѓутоа тука се заврши. Тој проект би можел да се развива и понатаму со осовременувањето на нашите поставки во иднина, вели кустосот Горан Митрески.

Во рамки на проектот набавена е опрема со која на слепите лица и звучно им се врши објаснување со читање на бар код кој е ставен до артефактот.

После завршувањето на проектот имавме една организирана посета од слепите лица во спомен куќата на Христо Узунов и навистина беа многу задоволни бидејќи имаа можност да допрат одредени предмети на начинот на кој што тие ги восприемаат и се надевам дека и во иднина ќе имаме некоја наредна можност нашето културно наследство да им го претставиме и на таа категорија на лица, вели Митрески.


Проектот беше финансиран од фондацијата Ставрос Ниаркос во партнерство со Шведската организација „Културно наследство без граници“. Сега се бараат нови начини за обезбедување средства за овој проект да може да продолжи во некоја понапредна фаза.