Skip to main content

Во крајбрежниот појас кај Подмоље се опожарени 10 хектари со трска

Во крајбрежниот појас кај Подмоље се опожарени 10 хектари со трска.

 |  Валентина Неловска  | 

Пожар опустоши 10 хектари со трска и ниско стеблеста вегетација на езерското крајбрежје во Подмоље. Пожарот бил пријавен во 10 часот и 40 мин на потегот помеѓу бензиската пумпа кај Макпетрол и Андон Дуков. 8 пожарникари со 3 противпожарни возила 3 часа ги гаснеа пламените јазици кои се засилуваа под влијание на северниот ветар. Пожарот е локализиран во 11.35 минути , а целосно ликвидиран во 13 часот и 40 минути, информира Горан Маркоски заменик командир на ТППЕ Охрид.


„Во овој период од годината и во изминатите години сме имале намерно палење од несовесни луѓе кои сакаат да задоволат болни потреби. Апелирам до граѓаните да се подигне свеста дека овие пожари се опасни. За среќа во денешната интервенција се спасени неколку објекти во близина на Андон Дуков и и спречена материјална штета“, информира Маркоски.

И охридските еколози ги осудуваат намерните опожарувања на трската во крајбрежниот појас. Борис Стојаноски од ЕД Гршаница кажува дека палење на трска на потегот кај Подмоље и во струшкиот дел, се случува скоро секоја година. Палење на трската на овој потег е забележано пред две недели, а пред една недела горела трска и во блатото помеѓу селото Орман и населбата Радојца Новичиќ и се загрозува животната средина.


„Има две причини за палењето на трската. Една е што поединци ја палат трската која зафаќа простор во нивните ниви крај езерскиот брег. Исто се случува и во блатото и по ендеците им смета на нивите, се шири трската и затоа ја палат, а за последиците никој не размислува “, напоменува Стојаноски.
Еколозите бараат откривање и строго казнување за подметнувачите на пожар на трската затоа што таа е од големо еколошко значење за живиот свет во крајезерскиот потег.
Инаку, за 2 месеци од оваа година споредено со истиот период лани има зголемување на интрвецниите за гасење на пожар. Во јанури и февруари годинава се случиле 104 пожари, а охридските пожарникари на отворен простор интервенирале дури 29 пати.