Skip to main content

Синоќа гореше во стариот дел на градот

Пожар во стариот дел на градот. Синоќа беше опожарено приземје од куќа, а една соба е сосема изгорена. Овој пожар на површина ги извади старите проблеми со кои се соочуваат пожарникарите кога треба да интервенираат во стариоот дел на градот. Тесните улички и неправилно паркираните автомобили кои оневозможуваат противпожарното возило да помине, некогаш можат да чинат и живот.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Синоќа гореше во стариот дел на градот. Во 21часот и 25 минути во противпожарната единица пријавен е пожар на улицата „Петар Чауле“. Веднаш, седум пожарникари и три возила се упатиле на местото каде беснеела огнената стихија, но се соочиле со повеќе препреки. Најпрво возилата се обиделе да стигнат до куќата која горела преку плоштадот, но тоа било невозможно бидејќи единствениот пристап од кружниот тек бил блокиран со мотори. Втор обид бил противпожарните возила да се пробијат од улицата кај некогашната рибарница, но тука ги чекал нов предизвик. Патот бил блокиран со возила па морале едното од нив да го поместат за да можат да влезат.

Бидејќи очигледно е дека совеста на граѓаните не е на високо ниво и паркирајќи ги возилата каде ќе стигнат, не размислуваат за можните последици, тука мора да биде поагилна сообраќајната полиција, вели еден очевидец на синоќешниот пожар. Тој додава дека полицијата треба да биде поприсутна и да пишува казни бидејќи само така може да се направи ред.

Инаку пожарникарите на гаснење на пожарот интервенирале до 23 часот и 10 минути. За среќа направена е само материјална штета. Опожарено е приземјето од куќата, една соба е изгорена, а други две се само исчадени. Допрва ќе се утврдува кои се причините за неговото настанување.