Skip to main content

Охрид ќе биде промовиран во Москва

Новите промотивни спотови за Охрид за прв пат ќе бидат прикажани во Москва. Тоа е добар начин за привлекување на туристи од Русија, открива Ѓоко Апостолов од Секторот за ТЛЕР. Тој воедно го најави и промотивниот настан, кој треба да се случи на 29 март годинава во Москва.

 |  Николоска Биљана  | 

Охрид ќе добие вистинска ренесанса во туризмот, доколку се отпочне процесот на привлекување на гости од Русија. Општина Охрид односно Секторот за ТЛЕР е на добар пат кон оваа цел. Од Секторот за ТЛЕР информираат дека нашата општина во соработка со Руската федерација во Москва, организира промоција на туристичкиот потенцијал и производ како и културно – историското наследство на Охрид и Македонија во Москва, кон крај на месецов односно на 29 март. Ѓоко Апостолов вели дека на претстојниот промотивен настан, било планирано да бидат презентирани сите туристички потенцијали на Охрид како туристички центар пред руската јавност, поточно пред голем број на тур оператори, туристички агенции, медиуми како и пред официјални претставници на руската федерална агенција за туризам.

„Двете земји ги поврзуваат повеќе аспекти меѓу кои, пред се културата, религијата, и се надевам дека ќе вжовозможиме да направиме мост помеѓу двете држави и да го ставиме Охрид на туристичката мапа на Русија, која што е еден огромен туристички пазар за нас и се надевам дека во догледно време и руските тур оператори и авио компании ќе го најдат својот интерес да направат аранжмани за Охрид, односно Охрид да стане дел од нивната понуда, што всушност тоа претставува и цел на оваа туристичка промоција

Апостолов вели дека во моментов руските туристи слабо одат во Турција, која што беше една од најомилените дестинации за русите, а исто така и Афричките држави како Египет во голем дел биле избегнувани од русите. Тој додава дека сега е моментот кога треба да се искористи вакум просторот на состојбата која е во тек поради гео-политичките околности, а тие одат подготвени.

„Промотивниот материјал ни е подготвен, ќе имаме и видео презентација на Охрид, ќе ги промовираме за прв пат новите видео спотови што општина Охрид ги изработи токму за овие цели и мене ми е многу драго што токму во Москва ќе можеме да имаме една вистинска промоција на промотивните спотови за Охрид за кој што сум убеден дека во едно вистинско светло ќе го доловат Охрид пред туристичките работници во Русија“

Од ТЛЕР очекуваат голем број туристички работници од градов да бидат дел од општинската делегација и да се претстават во Москава. Тоа за нив би била одлична шанса, но и голема можност на лице место да се запознаат и остварат контакти со нивните колеги од Русија, да ги понудат своите услуги, капацитети и да склучат договори за аранжмани за Охрид.