Skip to main content

Искршена двојазичната табла поставена на охридската филијала на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување

Двојазичната табла поставена на охридската филијала на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, мета на вандали. Таблата утрово била искршена па случајот е пријавен во полиција. Според некои извори таблата била поставена синоќа и веднаш потоа искршена. Според други, таа веќе неколку месеци се наоѓа на влезот од институцијата а настрада токму сега поради политичкиот момент во државава.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Искршена двојазичната табла поставена на охридската филијала на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Случајот е пријавен во СВР Охрид од каде испитуваат кој е сторителот.

Оштетувањето на таблата е пријавено утрово околу 9 часот телефонски од страна на вработен во фондот по што е информиран Јавниот обвинител при што по негови насоки на местото на настанот извршен е увид. Во моментов СВР има информации за можниот сторител и се преземаат соодветни мерки за расветлување на овој настан. Морам да напоменам дека не се случени никакви нарушувања на јавниот ред и мир или пак тепачки при оштетувањето на таблата, Стефан Димоски -портпарол на СВР Охрид.

Според едни извори таблата на која е испишано името на институцијата на македонски и албански јазик била поставена синоќа, а според други таблата била тука веќе подолго време. Раководителот на охридската филијала на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Самет Ризвани во телефонски разговор за ТВМ не можеше да прецизира точно кога била поставена таблата, но додаде дека се прашува зошто сега е искшена кога таа на влезот од зградата се наоѓала веќе неколку месеци. Според Ризвани кршењето на таблата е вандалски чин, а нејзиното поставување немало никаква политичка позадина, а вакви двојазични табли биле поставени во фондовите и во другите општини во државава.

Инаку, ТВМ уште на почетокот на октомври 2014год. пишуваше за двојазичните табли кои тогаш осамнаа на вратите од канцелариите од ПИОМ во Охрид. Јавноста реагираше и се прашуваше зошто беа поставени такви табли спротивно на Законот за употреба на јазиците. ТВМ тогаш се обидуваше да добие одговор од подрачната единица на фондот во Охрид и од централата на фондот во Скопје и од Локалната самоуправа, но никој не се одважи да даде било какво објаснување.