Skip to main content

Даниел Колевски младиот резбар познат по неговите минијатурни дела

Даниел Колевски од Велгошти, охридско, можеби е единствен резбар во Македонија што изработува минијатури од дрво. За да се добие квалитетна минијатурна творба потребна е голема посветеност, смиреност, трпение, вели младиот резбар.

 |  Николоска Биљана  | 

Охриѓанецот Даниел Колевски, цели 15 години се занимава со резбарство. Започнал со вајарство, моделирајќи глина, но после советот на еден негов другар кој му посочил дека подобро би било да работи со резба бидејќи тука може неограничено да твори, тој не се поколебал многу и почнал, како што и самиот раскажува.

„Тоа беше еден знак за да почнам и јас. Првите резби кои што ми оставиле впечаток биле оние во куќата на Робевци, од кои посебно ја истакнувам една од најубавите според мене, врвното дело „4 годишни времиња“.

Првото дело на Колевски било ликот на Св Климент на парче дрво 10х20 сантиметри, плитка резба од 5 милиметри. Така почнал да навлегува во занаетот, се присетува на своите почетоци Колевски. Изработката на минијатурни дела, посебно крстови е посебна слабост на младиот резбар. Колевски вели дека секоја работа си има своја тежина, а за изработката на минијатурните дела потребно било внимание, трпеливост и љубов.

„Погоден од фактот дека некој претходно направил нешто прекрасно ако може да се каже недостижно, би сакал и јас да пробам нешто што некогаш кај нас го имало, што за жал можеби станува збор за изумирање, си реков да пробам да го возобновам, според моите сили и можности, тоа ми беше една од причините да пробам …и секогаш јас имам авантуристички дух кој што сака да пробува, експериментира да висам до каде можам и да бидам подобар од вчерашниот јас“.

Првата минијатура во дрво Колевски ја направил пред три годин. Најмалиот крст пак што го направил е распетието, крст, со големина 1,5 на 3,4 сантиметри, а направил и лик на ангел, 2 милиметри. Додека пак неговото прво дело со микроскопска големина било библискиот мотив на жртвата Аврамова, односно ликот на Авраам со големина од 4 милиметри, а по извесно време направил и медалјон со ликот на свети Никола, со големина на петденарка. Најчесто минијатурите Колевски ги прави од дрвото шимшир или зеленика. Според него тоа е најдобриот и најтраен материјал. Тој сам го изработува и алатот кој го употребува за резба на минијатурите. Негово место за творештво е Св Бигорскито манастир, каде според него се наоѓа една од најубавите резби во Македонија, иконостасот во манастирот, што е и негова вечна инспирација.