Skip to main content

Шопска салата за Гинис ќе се подготвува во охридскиот хотел Гарден

Шопска салата за Гинис ќе се подготвува во охридскиот хотел Гарден.

 |  Валентина Неловска  | 

Во хотел Гарден, утре, ќе се сецка домашен зеленчук и сирење за подготовка на најголемата Шопска салата за Гинис. Оваа интернационална салата за прв пат се подготвува за влез во книгата на Гинисови рекорди. Сузана Бакреска , сопственик на хотел Гарден, вели пред неколку месеци заедно со Ина Жарова, лиценцираниот диструбутер на македонски производи во Русија добиле идеја, да се промовираат македонските јадења подготвени од домашни квалитетни земјоделски производи.
Во специјално изработен сад со запремнина од 250 литри ќе се подготвува шопска салата според светски прифатениот рецепт, напоменува Димитар Аранудоски, главен шеф на кујна во хотел Гарден. Планирано е Шопската салата за Гинис да тежи околу 200 килограми, а податоците потоа ќе се испратат на верификација до Гинис.

„ Шопската салата е стандардна за да биде официјална во Гинис мора да користиме рецептура од Википедија. Домати, краставици, сирење, пиперки, кромид, се од домашно производство. Количините според килажата која треба да ја постигнеме од 150-200 кг , е во сооднос со 50 – 50 проценти од домати и краставици, кромид со 10 посто некаде околу 20 кг и сирење од 30 до 40 кг. Се зависи од садот за убаво да го аранжираме“, кажува Арнаудоски.

Иницијативата за овој настан , покрај Ина Жарова, е и на најпознатиот угостителски критичар во Русија Олег Назаров. Во хотел „Гарден“ допатуваа и поголем број на сопственици на познати ресторани во Москва. Шопската салата за Гинис ќе ја вкусат голем број на гости , а ќе има допринос за уште поголема туристичка промоција на Охрид, но и на плодното македонско поднебје.

„ Приоритет на настанот е да се организира што помасовно, но и да се промовираат ресторанот на х. Гарден и квалитетните македонски производи кои ќе ги користиме специјално за подготовка на оваа шопска салата“, подвлекува Арнаудоски.

Хотел „Гарден“ во соработка со тим од општиската организација на Црвен крст дел од Шопската салата за Гинис ќе ја донира на охриѓани, наши сограѓани во социјален ризик.