Skip to main content

Лоши услови за работа на полициските службеници на преминот „Џепиште-Требиште“

Службениот објект на граничниот премин помеѓу Македонија и Албанија „Џепиште-Требиште“, функционира без елементарни услови, струја, вода и санитарни простории. Таму условите за работа на полициските службеници се лоши, укажуваат од Независниот полициски синдикат на Македонија. Тие денес на оваа тема одржаа и прес конференција пред Регионалниот центар за гранични работи, Касарната Охрид, барајќи од надлежните од МВР, кои ги посочија за директни виновници за ваквата состојба, да отпочнат процес за рашавање на проблемот.

 |  Николоска Биљана  | 

На лоши услови за работа на полициските службеници во службениот објект на граничниот премин меѓу Македонија и Албанија „Џепиште-Требиште“, укажува претседателот на Независниот полициски синдикат на Македонија, Гоце Делчев. На преминот, кој беше отворен пред четири години, се вршат гранични проверки на граѓаните од страна на полициските органи на Македонија и Албанија.

„Условите за работа и живот на полициските службеници на граничниот премин „Џепиште-Требиште“ е под сите човечки норми бидејќи основни услови за изведување на физиолошки потреби на овој премин нема односно нема простор кој е соодветен на тоалет услуга. Знам дека ќе има голем број реакции од македонски граѓани после она што ќе го видат…..можеби ќе ме третираат за шпиун и личност која работи против интересите на РМ , но јас јавно и отворено ќе пренесам на македонската јавност предавниците да ги гледаат во луѓето кои биле задолжени за подобрување на условите на полициските службеници“ .

За ваката состојба запознат е и министерот за внатрешни работи, вели Делчев. За тоа Независниот полициски синдикат писмено го информирало ресорното министерство со цел подигање на свеста за решавање на овој проблем како и вклучување на сите служби, да помогнат за подобрување на условите за работа на овој граничен премин, додаде Делчев.

„Претпоставувам дека се тоа што се случуваше на политички план во земјава можеби беше и основа како покритие за евентуално давање на одбрана дека не е најдено соодветно време со финансии за решавање на ова прашање и мислам дека после се ова и тоа што ние реагираме како синдикат во рамките на полицијата ќе биде добра основа некој сериозно да се загрижи да вложи дел од средствата кои следуваат од МВР за подобрување на условите за живот и работа на овој премин“

Делчев укажува дека сосотојбата со сите гранични објекти во земјава е лоша. Додека земјите од нашето соседство работат на осовременување нашите објекти се во состојба како од далечната 1991 година, велат од независниот полициски синдикат.