Skip to main content

Граѓаните се прашуваат како ќе изгледа Али пашината џамија во охридската чаршија

Граѓаните се прашуваат како ќе изгледа Али пашината џамија во охридската чаршија.

 |  Валентина Неловска  | 

Како ќе изгледа Али пашината џамија во охридската чаршија каде во тек се градежни работи за нејзина реконструкција? Оваа градба побуди интерес кај јавноста, откако ТВМ објави неофицијални информации дека од страна на носителот на проектот, охридското муфтиство на ИВЗ, било побарано и добиено позитивно мислење од Завод и Музеј за изградба и на минаре високо 32 метри. Наводно, сега се чека одобрение за градба Од Министерството за транспорт и врски.

ТВМ се обиде да ги провери ваквите информации во ИВЗ и Завод и Музеј.

Охридскиот муфтија не сакаше да открива детали за градбата. Во краток телефонски разговор, на нашето прашање зошто дополнително барале одобрение за изградба на минаре, неговиот одговор беше дека не се барало ново одобрение, туку дека станува збор за еден проект од самиот почеток- реконструкција на џамијата со изградба на минаре. Не сакаше да одговори на нашето прашање кога е добиено одобрението за градба од Министерство за транспорт и врска, само додаде дека градежните работи очекуваат да бидат завршени во рок од 600 дена. За подетални информации во врска со проектот, не упати одговори да побараме од Завод и Музеј.

ТВМ уште вчера се обиде да стапи во контакт со директорката на Завод и Музеј, Тања Паскали Бунташеска, но таа во моментов е на службен пат и ни вети информации по враќањето во земјава.

Во меѓувреме ,граѓаните се прашуваат како ќе се менува ликот на чаршијата? Што се гради и каков ќе биде изгледот на градбата?

Во моментов, единствено јавно достапни информации се оние на информативната табла на градилиштето.
На таблата стои дека станува збор за проект за конзерваторско реставраторски работи и реконструкција на Али пашина џамија. Како носител на проектот е назначена ИВЗ Муфтиство Охрид, корисник Ријасет на ИВЗ на Македонија, а како донатор се јавува владата на Р. Турција. Конзерваторски и архелошки надзор врши Завод И Музеј Охрид и назначен е бројот на конзерваторското одобрение за проектот издадено во јуни минатата година.

Никаде на таблата не пишува број на одобрение за градба и датум на негово издавање, што е законска обврска според Законот за градење. Имено, законот во член 83 став 3 предвидува информативната табла , меѓу другото, задолжително да содржи број и датум на издаденото одобрение за градење. Според архитекти кои ги контактиравме таблата треба да содржи и слика или скица како ќе изгледа објектот кој се гради.

Во недостаток на вакви информации граѓаните се прашуваат не само како ќе изгледа објектот туку и дали легално се гради.