Skip to main content

Општинскиот пазарен инспекторат ги чешлаше вилите во градов

Општинскиот пазарен инспекторат ги чешлаше вилите во градов. Кај голем дел од нив се затекнати неправилности во работењето и прикривање на фактичката состојба со број на соби. Зa прекршителите следувале глоби.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Општинскиот пазарен инспекторат во координирана акција со Државниот пазарен инспекторат и со туристичките инспектори од Локланата самоуправа, ги чешлаа вилите во градов. Проверуваа дали во согласност со нивната категоризацијата поседуваат решение за работа. Контролирани биле преку 60 субјекти на територијата на Општина Охрид и тоа во Велестово во Коњско и Рача. Оваа акција била на иницијатива на ХОТАМ бидејќи ваквите приватни субјекти кои го прекршуваат законот преставуваат нелојална конкуренција за хотелите.

Тие сите поседуваат решение за категоризација меѓутоа на лице место по утврдување на фактичката состојба беше затекнато дека некои од нив имаат пријавено два или три апартмани а на лице место вршат дејност во повеќе, вели Ѓорѓи Бошалев- раководител на подрачна единица на Пазарна инспекција.

Бошалев кажува дека контролите биле вршени во повеќе наврати и тоа по региони. Екипите на терен затекнале и други неправилности во извршувањето на дејноста на овие туристички субјекти за што прекршителите биле санкционирани.

Имаме глоба од 150 евра за правното лице. Согласно измените на законот за угостителска дејност ќе напоменам дека сите тие не смеат да служат доручек. Доколку сакаат да служат доручек во тој случај ресторанот треба да се регистрира за тоа. Во спротивно не смеат да вршат угостителска дејност, па дури не смеат да служат ни кафе ни пијалоци, објаснува Бошалев.

Контролите продолжуваат и понатаму. Во летниов период уште позасилено, велат од Пазарниот инспекторат и тоа во тесна соработката со другите институции, додаваат од таму.