Skip to main content

Граѓаните со пријави до надлежните државни инспекциски органи за реконструкцијата на Али пашината џамија

Али пашината џамија и понатаму тема во охридската јавност. До надлежните државни инспекциски органи пристигнуваат пријави од поединци и групи граѓани кои бараат да се изврши увид во работите на терен и дали инвеститорот ја поседува потребната документација и одобренија за изведување на работите. Граѓаните реагираат и на тешката механизација и камионите кои поминуваат по охридската чаршија.

 |   | 

Не стивнуваат реакциите околу реконструкцијата на Али пашината џамија. Иако градежните активности започнаа пред нешто повеќе од еден месец, деновиве на локацијата работите се одвиваат со зголемен интензитет. Директорката на НУ Завод за заштита на спомениците и Музеј-Охрид, Тања Паскали Бунташеска изјави неодамна дека во моментов се изведувале конзерваторски работи а до наесен кога ќе започнела реконструкцијата и изградбата на минарето охридското муфтиство треба да го добие и потребнато одобрение за градба. Но граѓаните со недоверба го следат она што се случува на самото градилиште а тоа е бетонирање и тешка градежна механизација. Некои од нив се сомневаат дека се вршат само конзерваторски работи а доказ за тоа се пријавите до надлежни инспекциски органи. Па така пријави од граѓани поединци и групи граѓани пристигнале до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам со кои се бара инспектори да извршат увид во работите на терен и дали инвеститорот ја поседува потребната документација и одобренија за изведување на работите. Од Државниот инспекторат дознаваме дека пријавите ги препраќаат до Управата за заштита на културното наследство од каде повратно треба да добијат известување и да одлучат како ќе постапуваат понатаму. ТВМ стапи во контакт и со директорот на Управата за заштита на културното наследство, Проф. д-р Виктор Лилчиќ. Во краток телефонски разговор Лилчиќ не информира дека инспектор од Управата ќе постапи по пристигнати пријави од други институции но и дека секој граѓанин може и дирекно до Управата да испрати пријава поткрепена со фотографии. Тој не можеше да прецизира во кој временски рок инспектори би излегле на терен во Охрид но кажа дека тоа може да биде за една недела па до месец дена.

Инаку, покрај граѓани, од политичките партии досега единствено реагираше ВМРО-НП поставувајќи го прашањето за легалноста на постапката, комплетноста на документацијата, мислењето на Советот на месната заедница во Варош. Од охридскиот комитет на ВМРО НП го повикуваа државниот градежен инспекторат да направи увид во документацијата и да следи дали се ќе се спроведува по дадените согласности.

Директорката на Завод и Музеј, Тања Паскали Бунташеска свика прес конференција на која кажа дека рeконструкцијата на Али Пашината џамија во охридската чаршија се изведувала согласно закон и според строгите критериуми за заштита и конзервирање на еден споменик на културата. Додаде дека целта на пресот била еднаш конечно да се разрешеле дилемите на граѓаните и да завршеле шпекулациите околу реконструкцијата на џамијата на кој потврди дека ќе се гради минаре високо 32 метри.

Во моментов на градилиштето нема пристап и е заградено со лимена ограда која зафаќа половина од улицата Гоце Делчев или охридската чаршија на тој потег. Но евидентна е тешка градежна механизација и камиони кои поминуваат по чаршијата па граѓаните веќе почнаа да реагираат и за оштетување на плочникот и за тоа дали треба да се размислува како тоа ќе се одвива во текот на туристичката сезона која е на прагот. Телевизија ТВМ побара информации од СВР Охрид во врска со тоа дали инвеститорот, носителот на проектот за реконструкција на џамијата или изведувачот, охридското муфтиство до секторот доставиле проект за сообраќајно решение за пристап до градилиштето и дали добиле согласност нивните камиони да поминуваат по охридската чаршија. Кога ќе добиеме информација со истата ќе ја запознаеме јавноста.