Skip to main content

Охридската капетанија ветува безбеден сообраќај во езерските води

Охридската капетанија ветува безбеден сообраќај во езерските води ова лето. Таа интензивно се подготвува за летната сезона, а воведена е и дополнителна инспекциска служба која работи проактивно. Забраните за одредени пловни објекти ќе важат и ова лето, па скутерџиите и сопствениците на глисерите нема да им пречат на посетителите на плажите во оној период кога тие се најпосетени.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Охридската капетанија подготвена за новата летна сезона. Покрај вообичаените мерки кои се превземаат пред почетокот на летото набавен е и полесен пловен објект од типот гумењак со пластично дно со мотор од 60тина коњски сили кој ќе служи за инспекциските служби. На терен постојано ќе има еден инспектор и еден помошник кои ќе го контролираат езерото.

Ние имаме еден нов метод на работа, а тоа е проактивното работење што подразбира постојано присуство на инспекторите во водите на Охридското Езеро и честа посета на останатите природни и вештачки езера. Проактивното работење подразбира контрола секој еден, насекаде. Може еден пловен објект да биде контролиран и денес и утре и задутре доколку се јави потреба за тоа, вели Горан Устијаноски- капетан на Охридска капетанија.

Устијаноски кажува дека пловните објекти кои се регистрирани се во добра техничка состојба. Посебно се вршени контроли на бродовите кои превезуваат поголем број патници. Сопствениците на пловни објекти очекуваат убава туристичка сезона, а туристите веќе ги бараат нивните услуги. И понатаму останува забраната за скутерите која стапува на сила од 1јули и трае до 31ви август. Според неа во периодот од 11часот до 19 часот тие не смеат да возат по езерото. И ова лето има забрана за возење во ноќните часови за моторните чамци и другите полесни пловни објекти.

Задоволни сме од тоа колку луѓето веќе почнаа да ги почитуваат правилата на пловидба бидејќи во голем дел Капетанијата делува и едукативно и сугестивно. Но има и работи за кои компромис нема. Како на пример непоседување потполна документација, целосна опрема на чамецот или на бродот и тн., објаснува Устијаноски.


Од година во година водениот сообраќај во езерото станува се поатрактивен и поинтересен за гостите, па затоа капетанијата ги презема сите мерки за безбедно одвивање на истиот. И летово останува да сообраќаат редовните линии во кои веќе спаѓа и линијата Охрид- Поградец. Гостите, а и охриѓани кои сакаат да го посетат ова гратче тоа можат да го направат со брод и да уживаат во живописните предели додека се возат по езерото.