Skip to main content

Туристичкиот бисер среде главната туристичка сезона е градилиште

Туристичкиот бисер среде главната туристичка сезона е градилиште. Се гради во централното градско подрачје и од локалната и од приватните инвеститори. Никој  не ја почитува забраната за градење во централното градско подрачје и туристичките населби  во екот на летната сезона. 

 |  Валентина Неловска  | 

Во центарот на Охрид, но и на крајбрежјето како што е населбата Лагадин се гради во ек на сезона. Градежни зафати има на објекти, се прават реконструкции на улици, тротоари и на мостот кај каналот. Со еден збор градат и приватни инвеститори, но и локалната самоуправа. Градот е со прашливи улици и застој во сообраќајот, бука од рано наутро до доцна на вечер. Гостите ни заминуваат, се жалат приватните станоиздавачи.


„ Туристите не доаѓаат каде што има бука, ѓубре, комунална нехигиена. Не им е пријатно да престојуваат во такви околности. И онака е слаба сезонова за приватните станоиздавачи. Во вакви услови кога и тие гости се малку доаѓаат и си одат. Тие активности во ек на сезона да се запрат“, бараат станоиздавачите.

Сите заборавија на Одлуката на Совет за забрана за градежни активности во централното градско подрачје и крај езерските населби. Советниците на град Охрид оваа забрана ја донесоа во 2006 година. Со неа се регулирани градежните зафати во перидот од 1 јули до 31 август додека трае летната сезона да не се гради во прилог на туристите кои одлучиле летниот одмор да го поминат во Охрид. Но, одлуката на Советот да не се гради во централното градско подрачје не се применува веќе подого време иако таа повлекува кривична одговорност ако не се применува, укажуваат правниците кои ги контактиравме.

ТВМ контактираше и дел од советниците на заминување од последниот состав дали расправале за укинување на одлуката за забрана на градежните активности. Кажаа дека за неа не станало збор на ниту една седница во изминативе 4 години.

Се обративме и до портпаролот на општина Охрид и побаравме одговор на прашањето зошто не се спроведува одлуката за забрана на градежните работи во екот на сезона. Зошто не излезат на терен од градежниот инспекторат кои што градилиште можат да видат буквално од прозор од општинската зграда? Од службата за односи со јавност кратко ни одговорија дека локалната засега е без коментар околу неспроведувањето на одлуката за мораториум на градежни активности за време на туристичката сезона.