Skip to main content

„Пејзажи на душата“ од сликaрот Стефан Хаџи Николов

 „Пејзажи на душата“  од  сликaрот Стефан Хаџи Николов. Љубителите на ликовната уметност ќе имаат можност во ликовната галерија Куќата на Робевци да ги видат најновите дела од неговото творештво.  Хаџи Николов вели, кризата во општеството се рефлектира и во сликарството, но не само кај нас, туку и во околните земји. 

 |  Валентина Неловска  | 

Во ликовната галерија во Куќата на Робевци изложени нови дела на сликарот Стефан Хаџи Николов. Станува збор за негова 7 самостојна изложба во Охрид, во градот, за кој ќе рече, по Скопје,во кој  најмногу изложувал во Македонија. Љубителите на уметноста ќе имаат можност да уживаат во неговиот специфичен ликовен, уметнички сензанбилитет.


„Посетителите  ќе видат дела создадени во последнитe две години. Делата се со нефигуративна тематика – пејзажи на душата. Тоа се дела каде влијанието на природата го пренесувам кон моето творештво. Сликите претходно беа изложени во Скопје, па потоа патуваа во Кавадрци, Прилеп, Демир Капија и сега Охрид. Оваа година сум реализирал 5 изложби“, вели Хаџи Николов.


Стефан Хаџи Николов изложувал и надвор од Македонија и досега имал 70 изложби во странство. Следна изложбена дестинација му е Варна, а во октомври неговите слики ќе бидат претставени и во Истанбул. Кризата во општестото ја чувствуваат и сликарите, вели Хаџи Николов. Се помалку луѓе доаѓаат на ликовните изложби. Пред 10 – 20 години на некој автор му доаѓаа и по 300 посетители, денес таа бројка се движи меѓу 50 до 100.

„Исто, криза се чувствува и во продажбата на ликовните дела. Помалку се продаваат последните години. До кога ќе трае не знам, но тоа не е тренд само кај нас, туку и во околните земји, што би се рекло, секаде е слично. Но, ние најмногу ја чувствуваме овде. Тука живеам, јас треба да продавам слики и да живеам. Но, тоа не значи сликарите да не сликаат и творат. Јас се трудам. Секоја изложба бара многу труд од авторот“, напоменува сликарот Хаџи Николов.

Сликарот Стефан Хаџи Николов е роден во 1955 година во Скопје. Педагошка академија завршил во 1975 година, а член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија од 1984 година.