Skip to main content

Инспекторите од Капетанија и годинава ќе прават алкотестови на кајчарите

Инспекторите од Капетанија и годинава ќе прават алкотестови на кајчарите. Проверки ќе има и колку кај пловните објекти се почитуваат правилата за безбедност на вода. Лани биле откриени управувачи на пловни објекти кои го прекршиле законски дозволеното количество на алкохол во крвта,  додека  пловните објекти пак, без исклучок ја поседувале задолжителната опрема за спасување. 

 |  Валентина Неловска  | 

Контролите за управувачите на пловни објекти ќе продолжат и оваа сезона. Инспекторите од Капетанија ќе им прават алкотестови и проверка на управувачите на пловните објекти дали ги почитуваат законските одредби, информира капетанот Горан Устијаноски. Контролите кои лани за прв пат беа спроведени откриле бројни прекршувања на законот, меѓу кои и алкохолизирани кајчари со над дозволената количина на алкохол во крвта од 0,5 промили.

„На терен најдовме меѓу другите и такви. Апелирам да се однесуваат совесно. Овој вид на пловидба во 90 проценти е рекреација каде што се возат семејства. Да не се ризикува со доза на алкохол. Сакам сите да имаат одговорен став кон себе, блиските и другите кои учествуваат во внатрешната пловидба“, укажува Устијаноски.

Проверки ќе има и дали пловните објекти се регистрирани, дали имаат лиценца за управување и опрема која ја налагаат правилата за безбедност на вода, вели Устијаноски. Досегашните контроли покажале дека опременоста на пловилата со појаси за спасување се применува.

„Тука сме апсолутно задоволни и во огромен процент нема проблеми со снабдување на опрема. Воспоставивме строга норма и може да ги пофалам луѓето дека ја почитуваат одредбата за носење на опрема за спасување на чамците“, подвлекува Устијаноски.

Од Охридската Капетанија напоменуваат дека технички и кадровски се подготвени во туристичкиот центар да има успешна година во безбедноста на вода.