Skip to main content

Викендов второ земјено прскање против комарци

Викендов Центарот за јавно здравје во соработка со Локалната самоуправа од Охрид ќе го спроведе второто земјено прскање против комарци во Охрид.

 |   | 

Втората дезинесекција против комарци планирано е да се спроведе во петок и сабота оваа недела информираат од „Центарот за јавно здравје“ од Охрид. Првата земјена дезинсекција беше спроведена на 10-ти и 11-ти јуни, а со ова второ прскање би требало да заврши летниот циклус за борба против овие инсекти, вели Д-р. Јовака Стурлакова – Коровешоска епидемиолог од „Центарот за јавно здравје Охрид“. Стурлакова објаснува дека за разлика од минатите години оваа година ќе се спроведат само две теристички дезинсекции во градов.

„Ларвицидната дезинскеција ја вршиме секој месец, таа е редовна обврска на центарот за јавно здравје, додека адултната се спроведува два пати во текот на летниот период. Ларвицидната се спроведува само на оние потенцијални жаришта како што се студенчишкото блато, комплексот Св. Наум каде според направеното истражување од страна на Центарот за јавно здравје заедно со локалната самоуправа, оние места кои се потенцијални за развој на комарците“, вели Д-р. Јовака Стурлакова – Коровешоска – „Центар за јавно здравје Охрид“.

Инаку Министерството за транспорт и врски пред почетокот на летото објави оглас за доделување договор за јавна набавка на услуги за уништување на возрасни комарци во вредност од околу 100.000 евра. Набавката се однесува на Охрид, Ресен, Крушево, Дојран, Чешиново, Облешево и Берово, но летово авионско прскање во градов не е спроведено.

„Планирано беше и авионско прскање против комарци кое го спороведува Министерството за транспорт и врски, меѓутоа уште немаме најава кога ќе биде тоа авионско прскање“ објаснува Д-р. Јовака Стурлакова – Коровешоска – „Центар за јавно здравје Охрид“.

Досега во центарот не е пријавен ниту еден случај на заболување каде пренесител може да биде комарец, вели Стурлакова и ги дематира информациите пласирани од страна на некои медиуми дека се регистрирани некои од поопасните видови на комарци на територијата на нашата држава. Во Охрид , дезинсекцијата се спроведува на површина од 1500 хектари на потегот од Св.Наум до Подмоље.