Skip to main content

Игор Полкапоски и љубовта кон фотографијата

За охридскиот фотограф Игор Полкапоски кој речиси две децении живее и твори во Австралија, Охрид останува најфотогеничното место во светот.

 |   | 

Охриѓанецот Игор Полкапоски кој години живее и работи во Перт Австралија, деновиве во Охрид, ќе се обиде да зароби со својот фотоапарат барем неколку од моментите од, како самиот ќе рече, најфотогеничното место на планетава, неговиот роден Охрид. На социјалната мрежа „Facebook“ веќе неколку години огромно внимание кај сите љубители на квалитетната фотографија предизвикува неговата група „Polkap Photography“, која денес брои повеќе од десет илјади следбеници, од фотографи аматери кои едноставно сакаат да бидат видени нивните фотографии, до професиноални фотографи кои ги поместуваат границите на фотографирањето. Полкапоски вели, дека фотографирањето и создавањето квалитетна фотографија е процес кој трае континуирано, а соработката со колегите фотографи, е од голема важност.

„Имам доста постари фотографи, поискусни од мене ете релативно кои ми помогнале ете да стигнам до тоа што сега моментално сум. Фотографијата е широка гранка, многумина ја имаат сфатено фотографијата ете како претходно што спомнавме, земи мобилен телефон и сликај се. Не е тоа. Според мене станува гранка, во која секојдневно се учи, се учи со години. Не можеш да кажеш дека сега ете знам се перфекно. Не можеш“ вели Игор Полкапоски – фотограф.

Со години кај него тлеела љубовта кон фотографијата, а бројни биле и обидите да се фати моментот, да се фати убавината на природата. Најголема кај него е љубовта кон пејсажната фотографија, за која знаел да биде од дома излезен со денови, и да пропатува стотици километри, само да го долови вистинскиот момент. Ќе рече дека за да идеалните моменти се оние пред изгрејсонце или на самиот крај од денот. Пример за тоа е и една стара куќа која деновиве ја фотографира во Охрид, кај Канео заедно со еден од неговите синови, кој покажува уште сега афинитети кон оваа професија. Полкапоски за опремата ќе рече дека е важен момент за создавање на квалитетна фотографија, но секогаш на прво место останува талентот.

„Значи окото е број еден. Многумина мислат дека ете стигнале до поскап апарат и сега станале фотографи. Далеку од тоа. Да опремата е битна кога се работи за вадење на поголеми принтоиви или за резолуција, зависи за пто ви е потребно Но окото според мене е број еден, талентот, ако го немаш талентот другото е се излишно според мене. Сепак треба да поседуваш талент, да знаеш пред се што фотографираш, а останатото е на второ место“ објаснува Игор Полкапоски – фотограф.

Се радува кога ќе добие фотографии од родниот Охрид од своите пријатели на „Facebook“. Огромен е бројот на фотографии кои ги има објавено, но сепак постојат фотографии кои ги чува само за себе, кои сепак се моменти кои сака да ги задржи само за себе. За Австралија ќе рече дека кога станува збор за пејсажната фотографија е дестинацијата која треба секој професионален фотограф да ја посети. А со оглед на афинитетите кои кон фотографијата ги покажуваат неговите деца, не е исклучена можноста еден ден да отвори и студио.