Skip to main content

Нов обид за изградба на депонија во југозападниот плански регион

Со пари од ЕУ ќе се гради регионална депонија во југозападниот плански регион. Како најдобра локација ја посочуваат општина Дебрца со што не се согласуваат некои граѓански иницијативи за заштита на животната средина. Денес се одржа јавна расправа со цел да се убедат граѓаните за бенефитите од изградбата на депонијата и дека истата не преставува никаква опасност по животната средина.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Нов обид за изградба на депонија во југозападниот плански регион. Денес преставници од Министереството за животна средина и просторно планирање пред охриѓани и останатите присутни на јавната расправа ги презентираа предностите од изградба на една ваква регионална депонија и бенефитите ко ќе се добијат од истата. Целта на јавната расправа беше да се објасни дека оваа регионална депонија која е неопходно час поскоро да се изгради нема да ја загрози или загади животната средина.

Со овој проект ќе бидат опфатени сите нестандардни депонии и ѓубришта кои се наоѓаат во регионот и за сите нив во моментов се подготвуваат проекти за нивно затварање, некои кои се поголеми ќе бидат дислоцирани. Целта е да се направи една централна инсталација каде ќе се одлага отпадот и да се избегне создавањето на нови диви депонии, вели Ана Каранфилова Мазноска-раководител на сектор на за управување со отпад при МЖСП.

Студијата за оцена на влијанието врз животната средина за Интегриран систем за управување со отпад во Југозападен плански регион е дел од проектот „Подготовка на потребните документи за воспоставување на интегриран и самоодржлив систем за управување со отпад во Пелагониски, Југозападен, Вардарски и Скопски регион кој е финансиран од ЕУ. Директорот на проектот Христос Цомпанидис вели дека овие јавни расправи се значаен дел за негова реализација бидејќи населението треба да се запознае и да се убеди за бенефитите од проектот и дека истиот нема штетно влијание врз животната средина.

Вообичаено имаме потешкотии да ги убедиме граѓаните во нивна непосредна близина да се изгради регионална депонија, но мислам дека полека стануваат свесни дека тоа е неопходно бидејќи тој се фрла насекаде. Токму заради тоа изготвивме студија за управување со отпад која сакаме да ја презентираме пред граѓаните и да им објасниме дека изградбата на депонија нема да ја згрози животната средина, рече Христос Цомпанидис- Директор на проектот.

Во југозападниот плански регион има околу 12 потенцијални локации каде би можело да се гради депонијата. Но после направените сондажи од стручни лица констатирано е дека најпогодна е локацијата во општина Дебрца.
Но со тоа не се согласуваат екологистите и граѓанските активисти.

Оваа локација која е избрана според нас не е најсоодветна бидејќи тука се наоѓа сливното подрачје на Охридското езеро. Недај боже да дојде до некаква хаварија тогаш може да дојде до еколошка катастрофа, вели Д-р Трајче Талевски од Граѓанската платформа СОС.

Инаку проектот треба да заврши до крајот на годината, но претходно треба да биде потпишан и подржан од општините во југозападниот плански регион.