Skip to main content

Изградбата на депонија во Дебрца, ќе го избрка и последниот дебрчанец од дома

Доколку се пристапи кон изградба на регионална депонија за одлагање на цврст отпад во Општина Дебрца, поточно во атарот на селото Годивје, тогаш и последниот жител на Дебрца ќе се исели, велат дебрчани.

 |   | 

Дебрчани се против изградбата на регионална депонија за одлагање на цврст отпад во Општина Дебрца. Општина Дебрца претставува еколошки чиста средина без тешка индустрија, а е дел од сливното подрачје на Охридското Езеро, па поради тоа недозволива е изградба на регионална депонија за одлагање на цврст отпад, истакна Градоначалникот на Општина Дебрца Игор Трајкоски.Согласно Законот за управување со отпад одлука за изградба на регионална депонија одлука носи советот на Општината, додаде тој.

„Општина Дебрца е најмал создавач на отпад па така недозволиво е ниту од економски ниту од еколошки аспект да биде место за изградба на централна депонија.Досега од страна на Општина Дебрца и од мене како градоначалник немаме дадено било какво позитивно мислење ниту пак советот на Општина Дебрца има донесено било каква одлука за изградба на ваква депонија.Јас како градоначалник, согласно моите ингеренции ќе направам се што е во моја надлежност да не се изгради оваа депонија“ вели Игор Трајкоски – Градоначалник Општина Дебрца.

Поради големиот револт кој оваа најава го предизвика кај населението, а кој беше искажан и на јавната расправа за студијата за оценката на влијанието врз животната средина, не е исклучена можноста жителите на општина Дебрца да пристапат кон организирање на протести и блокирање на патишта. Претседателот на месната заедница од селото Врбјани, соседно село на селото Годивје каде треба да се лоцира депонијата, предупереди дека Дебрца има жители кои ќе се обидат на сите начини да ја спречат нејзината изградба.

„И покрај тоа што ја загрозуваме и животната средина на тоа население што останало таму и сака да живее од сточарство и земјоделие, ние на овој начин сакаме и последниот човек да го избркаме од Дебрца. И затоа сум против оваа работа и сите ќе застаниме на браникот на оваа работа“ објаснува Крсте Блажески – претседател МЗ село Врбјани.

Изградбата на регионалната инсталација за отпад во срцето на Дебрца не може да се оправда со ниту еден сериозен параметар и критериум, сметаат советниците од СДСМ од Дебрца. Советничката група на СДСМ бара да се свика седница на советот, на која советниците ќе се изјаснат по иницијативата, а за истата да се изјасни и стручната и заинтересираната јавност од Дебрца и другите засегнати општини од регионот. Додаваат дека ако е потребно, ќе побараат по иницијативата да се изјаснат и граѓаните на Дебрца, преку облиците на граѓанско изјаснување, согласно Законот за локалната самоуправа и Статутот на општина Дебрца.