Skip to main content

Околу 500 лица во општина Охрид се вработиле со проектите Македонија вработува 1 и 2

Околу 500 лица во општина Охрид се вработиле со проектите  Македонија вработува 1 и 2. Невработени лица од различни образовни профили и возраст во изминативе две години нашле вработување или отвориле свој бизнис според неколку мерки за работно ангажирање. Половина од нив се претежно млади луѓе.

 |  Валентина Неловска  | 

Според Законот за измени и дополнувања на законот за вработување во случај на невработеност наречен Македонија вработува 1 и 2 се вработени оклу 450 охриѓани. Во изминатите 2 години се до 27 јуни кога важел овој Закон биле искористени бенефиции при варботувањата со ослободување од плаќање придонеси за задолжително социјално осигурување за млади лица до 35 години и за ослободување од персонален данок на плата. Овие бенефиции ги искористиле неколку категории граѓани. Половина се млади до 35 години, но има и лица над 58 години, како и 10 лица од ранливите категории, информира Јован Баткоски директор на Центарот за вработување.

„Овие вработувања се кај постоечките фирми и бизниси. Оваа мерка важеше и за лица кои не се вработени и припаѓаа на оваа категорија и кои започнаа сопствен бизнис. Околу 5 посто од вкупните вработувања отпаѓаат на лица кои започнаа свој бизнис и се самовработиле“, кажува Баткоски.

Вработување и свои бизниси невработените лица отпочнале во разни сектори како што се земјоделие и преработувачка, трговија, сообраќај, занаетчиски дејности. За зголемување на вработеноста во општина Охрид биле применети и други мерки како што се обуки со субвенционирано вработување за невработените лица и работодавачи со определен паричен износ.


„Во нашиот центар оваа мерка ја искористиле 30 работодавачи и 30 лица обезбедиле вработување, а за 5 невработени лица е во тек обука и се спроведува кај познат работодавач“, посочува Баткоски.

Искористена е мерката самовработување од идеја до сопствен бизнис со доделување на грант за отпочнување на свој бизнис. По овој основ 18 невработени лица го решиле својот работен статус. Истовремено биле ослободени од плаќање на придонеси и даноци доколку исполниле критериуми според Законот за вработување во случај на осигурување на невработеност.