Skip to main content

Вонредни контроли на угостителските објекти во Охрид и Струга

 Вонредни контроли на угостителските објекти во Охрид и Струга. Нема затворени објекти туку само изречени инспекциски мерки едукација.  Инспекциски контроли извршени и на зелените пазари. 

 |  Валентина Неловска  | 

Нема клуч на врата за ниту еден угостителски објект во Охрид и Струга, покажале вонредните контроли направени од инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство. Тимот на ветеринари и инспектори за храна во контролираните објекти пронашле прекршувања од типот на неажурирани записници според ХАСАП системот, нечитливи декларации на производите, неуреден санитарен преглед на вработените или фрижидери со неисправни термостати. Со вонредни испекциски контроли во туристичките места инспекторите ги контролирале хотелите, детските одморалишта, сендвичарите, слаткарниците, ќебапчилниците, пицериите. На охридското крајбрежје 78 објекти кои послужуваат храна биле под инспекциски надзор, информира Велика Атанасова портпарол на АХВ.



„При тоа се изречени 18 инспекциски мерки едукација заради утврдување неусогласувања од помал обем и согласно законот се изречени мерки едукација. Издадени се 9 решенија за отстранување на утврдените недоследности со контролите“, вели Атанасова.

Инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство го прочешлале и струшкото крабрежје и тамошните угостителски објекти.


„Утврдени се недоследности од помал обем и се донесени 4 решенија за нивно отстранување и се изречени 7 инспекциски мерки едукација на отстранување“, подвлекува Атанасова за состојбите со инспекциските вонредни контроли во соседна Струга.

Атанасова укажува дека во земјава биле направени и 50 вонредни контроли на зелените пазари каде што се продаваат јајца, мед, млеко и млечни производи. Во овие услови кога храната брзо се расипува од АХВ апелираат граѓаните да бидат внимателни каде купуваат прехранбени производи.