Skip to main content

Есенва ќе се шетаме по уредена патека до Билјанини извори

Со полна пареа се работи на пешачко рекреативната патека од мостот према Билјанини извори. Се планира до крајот на август или почеток на септември да биде комплетирана. Со нејзиното уредување малку ќе се ублажи проблемот што градов нема современа марина.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Пешачката патека од мостот према Билјанини извори полека ама сигурно го добива својот лик. Патеката е долга 600 метри, а за нејзината изградба Локалната самоуправа обезбеди 20.000.000 денари буџетски средства. Интензивно се работи на нејзиното уредување бидејќи рокот за комплетна реализација на овој проект е 12 месеци. Градежните работи започнаа во октомври минатата година.


Патеката требаше побргу да биде пуштена во употреба, но поради некои технички проблеми работите се пролонгираа. Динамиката сепак е запазена и таа ќе биде пуштена во употреба до крајниот рок. Јас се надевам дека до крај на август , почеток на септември таа ќе биде свечено пуштена во употреба иако најголемиот дел од она што значи инфраструктура веќе е уреден и таа може да се користи, вели портпаролот на Локалната самоуправа, Томе Џамтоски.

Со овој проект предвидено е оформување на коритото на каналот Студенчишта. По целата должина на патеката ќе биде поплочен постоечкиот канал, од двете страни ќе се наоѓаат пешачко рекреативни зони кои што ќе бидат изградени во целост од еколошки материјали, ќе има два дрвени моста и два видиковци кои што ќе даваат една посебна убавина на оваа патека. Пешачко- рекреативната патека кај каналот Студенчишта ќе има дрвен дел наменет за прикачување пловни објекти, камен пешачки дел со ширина од 4 метри, хортикултурно уредена зона, дел за велосипедисти со широчина од 2 метри и ќе се спојува со прекрасно уредениот мал канал. Со нејзиното уредување малку ќе се ублажи проблемот што градов нема современа марина.

На некој начин ова значи и премостување на овој проблем. Се разбира дека е потребна изградба на современа марина, но со уредувањето на каналот ќе се направи и некаков ред во гаражирањето на пловните објекти. Допрва ќе се направи и план кој се` ќе може да се укотви во каналот, вели Џамтоски.


Градежните работи за пешачко рекреативната патека кај каналот Студенчишта ги изведува ДООЕЛ Бифора Инженеринг од Охрид, кој се јави како најповолен понудувач, а со кој економски оператор општина Охрид склучи и договор. Инаку, овој проект е согласно годишната програма за работа на Секторот за комунални дејности сообраќај и улици.