Skip to main content

Прв олимписки маратон во Охрид

Уште еден голем спортски ден во Охрид. На 12 ти август десеткилометарски Олимписки пливачки маратон во организација на Клубот за спортови на вода „Охридски бранови 2008“. Директор на маратонот и воедно голема заслуга за одржување на овој настан има охриѓанецот Александар Маленко, светски познатото име во пливањето. Доколку овој олимписки маратон, прв од ваков карактер во државава, се покаже како успешен, тоа може Охрид да го одведе на Олимписките игри во Токио 2020, откриваат претставниците на ФИНА.

 |  Николоска Биљана  | 

Олимписки маратон во Охрид. Станува збор за прв олимписки интернационален пливачки маратон кој во сабота на 12 август ќе се одржи на крајбрежната линија на Кеј Македонија со почеток во 12 часот. Конкуренцијата ќе биде силна бидејќи на маратонот ќе учествуваат пливачи од 7 земји кои се на топ листата меѓу 20 те најдобри во светот. Вкупно 13 пливачи ќе пливаат во водите на Охридското езеро, од нив 10 се во машка конкуренција, додека три ќе се борат за првата позиција во женска конкуренција вели, Сашо Точко, претседател на организациониот одбор.

„Сонот кој што години наназад го имаме како ентузијасти и членови во клубот и спортски работници на некој начин конечно се оствари благодарение на тие ентузијасти но и на нашите пријатели претставници на ФИНА

За значењето на олимпискиот маратон свое видување на денешната прес конференција даде и претседателот на Клубот за спортови на вода „Охридски бранови 2008“, Кочо Паскали.

Прва модерна олимпијада,1896 год прв пат е застапено пливањето на отворени води оттогаш почнува историјата на пливањето. Инаку значењето на овој маратон е почнато 2008 година на првите олимписки игри во Пекинг“

Охридското езеро, бисерот на градот, е еден од главните услови поради кој се нафативме да организираме една манифестација од светски ранг, вели претставникот на ФИНА Игор Величковиќ. Но сепак Величковиќ прецизираше дека без македонскиот олимпиец, Александар Маленко, кој е и директор на маратонот, денес не би можело да се зборува дека Охрид ќе биде домаќин на еден ваков настан.

Почнаа разговорите…имаше и проблеми и се и сешто…. но на крај успеавме да дојдеме до тоа, ФИНА оваа година да ни даде можност ова да биде тест, односно пробен маратон, кој ако се покаже успешен и прифатлив за ФИНА, наредната година Охрид официјално ќе го добие светскиот куп и како организатор на светскиот куп ако се порасне на тоа ниво веќе во 2020 година во мај би биле едни од кандидатите за организација на финалните квалификации за олимписките игри во Токио

Само што ги слушнав амбициозните планови на организаторите, прифатив да бидам дел од првиот олимписки маратон во пливање во Охрид вели официјалниот меѓународен судија на отворени води Анка Козамерник, која доаѓа од Словенија.

„Мислам дека досега е направено се што е потребно според правилата на ФИНА. Мислам дека тоа е многу важно бидејќи ако се плановите регуларно да се добие квалификација за олимпијада треба да се почитуваат сите правила“

Учество на маратонот од нашата земја ќе земат пливачите Андреј Стојаноски, Александар Илиевски, Илија Стојановски и охриѓанецот Милан Китевски, а ќе има пливачи од Бугарија, Србија, Холандија и Аргентина. Дека станува за сериозна заложба на организаторот зборува фактот што од ФИНА присутни се седумте најдобри судии кои ќе се грижат за регуларноста на трката. Нивните оценки и впечатоци ќе бидат пренесени во ФИНА, која ќе одлучи дали нашиот маратон може да опстојува.