Skip to main content

Велгошти и годинава достојно ќе го одбележи Денот на Живко Чинго

Големината на Живко Чинго е тоа што секогаш стоел исправен пред браникот на вистината заедно со својот народ. И годинава, традиционално, во Велгошти, манифестацијата „Денот на Живко Чинго“ со почит кон неговите бројни дела.

 |  Николоска Биљана  | 

„Твое е само она што ќе им го дадеш на другите“. Овој стих на Живко Чинго стои врежан на плоча во атарот на црквата Св.Петка во Велгошти. По повод роденденот на големиот поет утре во прекрасниот амбиент пред неговата спомен биста, веднаш под црквата Св Петка, традиционално ќе се одржи Денот на Живко Чинго. Ѓоко Чингоски од Месната заедница Велгошти, вели дека цели 3 децении достојно и со гордост го величаат неговото дело, но сепак скромно, бидејќи оваа манифестација сеуште не е во програмата на Министерството за култура каде што и е местото.

Ние се трудиме како месна заедница да ја збогатиме манифестацијата со афирмирани имиња како Ѓурчин, Плевнеш. Со овие гости ние само го зголемуваме потенцијалот и она што сакаме да го добие значението. Но сепак како и секоја година ќе истакнам ние велгоштани посебно Чинговци сакаме оваа манифестација да ја земе Министерството за култура со цел да се даде едно поголемо значение на овој ден и настан“.

Чингоски вели дека и годинава очекуваат голема посетеност на оваа манифестација која ја организира нивната месна заедница.

Знаете на 13 август доаѓаат гости од Скопје, луѓе што го знааат денот…од обични граѓани до високи гости, но ние велгоштани секогаш сме тука во секое време и на овој ден ќе му го дадеме значението кое што му прилега

Во рамки на чествувањето на денот посветен на Живко Чинго од месната заедница најавуваат богата културно уметничка програма, како и обраќање и доделување на наградата на најдобриот расказ годинава „Во рогот на волот“ на авторот Блаже Миневски новинар, раскажувач, романсиер и драматург.