Skip to main content

Подземните контејнери, проблем за ЈП „Охридски Комуналец“

Подземните контејнери, проблем за ЈП „Охридски Комуналец.“ Иако со нивното поставување, на ова претпријатие му се олесни работата во овој дел од градот бидејќи во нив се одлага голем дел од отпадот, несовесни граѓани на кои очигледно им било тешко да го депонираат во нив го оставаа отпадот на тревникот.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Новите подземни контејнери кои неодамна беа поставени наспроти маркетите Тинекс и Рамстор, нов проблем за ЈП „Охридски Комуналец.“ Иако во нив се одлага голем дел од отпадот кој граѓаните, кафулињата и останатите угостителски објекти како и маркетите во овој дел од градот го создаваат, добар дел од отпадот завршуваше и пред контејнерите. Несовесните го оставаа пред нив правејќи цела планина од смет и создавајќи грда слика во центарот на градот.

Имавме проблеми посебно во ноќните часови кога се оставаа цели вреќи со отпад до самите подземни контејнери поради тоа бевме приморани да ангажираме лице кое ќе работи и трета смена од 12 часот до 8 часот наутро кога поминува возилото за да го подигне отпадот се со цел отпадот кој го оставаа до контејнерите нашиот вработен а го депонира до самите контејнери, вели Александар Китески, директорот на ЈП Комуналец.

Трите подземни контејнери собираат отпад колку девет обични. За време на оваа сезона подземните контејнери при секое подигање на сметот беа преполни што значи дека граѓаните ги користеа максимално, вели Китески. Тој додава дека лошите навики на некои граѓани полка ама сигурно ќе бидат искоренети најпрво со едукација, но ако треба и со казни.

И покрај нашата пријава до инспекторот за животна средина кој реагираше со опомени во неколку случаи сепак мораше овој проблем да го решиме со 24часовно присуство на лице на ова место за да не се создава таква грда слика и појавата на оставање смет до контејнерите да биде отстранета, вели Китески.

Инаку, Охрид наскоро треба да добие уште два подземни контејнери. Тие ќе бидат распоредени в долж улицата Македонски просветители и тоа едниот кај некогашната стара стоковна куќа на пресекот со улицата „Даме Груев“, другиот на пресекот на Македонски просветители со улицата „Димитар Влахов“. Оваа иницијатива е дел од реализација на проект од Центарот за Развој на Југозападниот плански регион. Тие ќе бидат помали и ќе имаат волумен од еден метар кубен. За реализација на овој регионален проект за Охрид и Кичево се одвоени 30 000 евра, а за Струга и Дебар, 40 000 евра.