Skip to main content

„Шшш… Гола сум!“ – прва самостојна изложба на Марина Трајковска

Голото женско тело е непресушна инспирација на бројни светски уметници низ вековите. Тука се пронајде и младата скопјанка Марина Трајковска која синоќа во Објектив бар ја имаше својата прва самостојна изложба со наслов „Шшш… Гола сум!“. Одлучила за прв пат да се претстави во Охрид бидејќи смета дека нашиот град е центар на случувањата секое лето.

 |  Николоска Биљана  | 

Несекојдневна изложба на фотографии со наслов „Шшш… Гола сум!“. Младата скопјанка Марина Трајковска синоќа во Охрид во „Објектив бар“ ја имаше својата првата самостојна изложба. Таа пред камерата на ТВМ открива од каде добила инспирација храбро и помалку невообичаено за нашите простори да изврши селекција од 15 фотографии на голо женско тело.

Да бидам најискрена јас овој потег не го сметам за толку храбар бидејќи самата голотија како голотија е нешто ново кај нас, но во светот тоа е сосема нешто вообичаено и не се реагира на тоа чудно и мислам дека оваа изложба е невообичаена за нашиве простори но во светски рамки тоа е сосема нормално. Инспирацијата како ми дојде…..јас ја сакам жената голото женско деко и мислам дека тоа претставува инспирација за многу уметници низ текот на годините и вековите. Самата форма е совршена

Сликите зборуваат за она што се молчи, за несовршеноста на совршената креација, за невидливата енергија што е материјализирана во едно тело, вели Трајковска. Според неа голото тело не е порнографија, туку најчистата форма. Таа во кратки црти проговори и за нејзините почетоци.

„Со фотографија се занимавам уште кога бев мала, правев кратки филмови сега моментално студирам на драмски факултет, театарска и филмска драматургија и работам во Моден викенд во Скопје ги правам бек стејџ видеата и рекламите повеќе од 5 години така да толку и професионално се занимавам со тоа“

Трајковска иако е млада пред неа престои добра кариера. Таа во иднина се гледа како популарен сценарист, но никогаш нема да ја напушти фотографијата. Трајковска открива дека во месец октомври годинава оваа изложба само малку проширена ќе биде поставена и во Скопје .