Skip to main content

Што очекуваат граѓаните од идниот градоначалник

Повеќе паркинг простор, повеќе градско зеленило, подобра комунална хигиена и јавни тоалети, треба да бидат приоритетите за идниот Градоначалник на Охрид, сметаат граѓаните.

 |   | 

Нешто повеќе од еден месец пред почетокот на Локалните избори во Република Македонија, на кои ќе се избираат градоначалници и советници во 80 општини, охриѓани со јасна визија за тоа кои треба да бидат приоритетите на идниот градоначалник на нашата општина. Повеќе паркинг простор, повеќе градско зеленило, подобра комунална хигиена и јавни тоалети се дел од очекувањата на охриѓани од идниот Градоначалник на Охрид.

„Паркинзи нема, шеталишта повеќе, повеќе клупи“…
„За комуналните проблеми, паркинзи, повеќе тревни површини, поголема хигиена“…
„WC нема, па кучињата скитници, срамота е овие што ги шетаат…
„Од комуналниве работи, да се присредат парковите вака и улиците, тротоарите не можи човек да помини од моторџии, паркирани автомобили кои со години стојат на исто место, да не се возат овие количиња во парк, да се орпедели посебен простор, за децата јас сум прв“…
„Јавно WC, нема овде тоалет јавен да одиш за една физиолошка потреба, имало некогаш, зошто сега нема никој не знае. Паркинг нема, се паркираш ќе ти ја кренат колата и ќе плаќаш казни“…
„Домови за пензионери, за нас старите тоа е најважно сега“…
„Тој што ќе дојде за градоначалник знае што треба, ете пазарот се започна ќе се завршит, не не прашувајте нас“…

Кога станува за изборот на кандидатите за градоначалник и за советници, односно што на граѓаните ќе им се понуди на 15-ти октомври како политичка опција, СДСМ неодамна го потврдија името на кандидатот за градоначалник на општина Охрид, тоа е Јован Стојановски, додека од најголемата Опозициона партија ВМРО-ДПМНЕ сеуште официјално не излегле со свој кандидат. Државната изборна комисија пак неодамна ја објави листата со независни кандидати за членови на совет и градоначалник на Охрид, кои го собрале потребниот број потписи.

Според податоците на ДИК потребните потписи за независен кандидат ги собрал Стевче Стевовски, а како носители на листи за советници, Љупчо Настоски и Арбен Демироски. Рокот за поднесување кандидатури, пак, истекува на 14 септември.

До 9 септември на полноќ, пак, трае и јавниот увид во Избирачкиот список. Досега во подрачното одделение на ДИК во Охрид, увид во избирачкиот список за општините Охрид и Дебрца направиле 1700 граѓани. Од одделението велат дека не се забележани некакви проблеми, освен вообичаените барања за промена на место на живеење и промена на презиме, поради стапување во брак. Предизборната кампања започнува на 25ти септември и трае до 13-ти септември на полноќ, додека Локалните избори се закажани за 15 октомври.