Skip to main content

Успешно 31-во издание на Меѓународниот меморијален атлетски маратон „Влатко Димитров“

Со време од еден час четириесет и една минута и деветнаесет секунди прв на целта пристигна кениецот Виклиф Кипкорир Бивот, додека од жените прва беше Слаѓана Перуновиќ од Црна Гора.

 |   | 

Еден час четириесет и една минута и деветнаесет секунди му беа потребни на кенискиот маратонец Виклиф Кипкорир Бивот, да ја истрча триесет километарската патека од Св. Наум до Охрид долж крајбрежјето на Охридското езеро со многу нагорнини и надолнини и прв да стигне на целта. Бивот вели станува збор за вистински предизвик и убава подготовка пред неговиот следен маратон.

„Како прво би сакал да им се заблагодарам на организаторите на тркава, навистина сум среќен, ова е мое прво учество на овој маратон, и навистина многу сум среќен.Не беше лесно, има многу нагорнини, но ова ќе биде една добра подготовка за маратонот кој ме очекува“ вели Виклиф Кипкорир Бивот – атлетичар.

Од жените најдобра годинава беше црногорката Слаѓана Перуновиќ, инаку учесничка на две олимпијади, вели дека за неа победата била вистински успех поради силната конкуренција.

„Морам да кажам дека сум навистина задоволна, со оглед на тоа што имав навистина силна конкуренција. Не очекував дека ќе бидам прва, а камо ли да го соборам црногорскиот рекорд за речиси две минути и навистина ми е мило. Следната трка ми е на Балканското првенство во Загреб, каде се надевам дека ќе стигнам до резултат за исполнување на олимписката норма“ задоволна, Слаѓана Перуновиќ – атлетичарка.

Од македнонците прв трката ја заврши атлетичарот Кокан Ајановски, а Годинешното издание на маратонот ќе се памети по рекоредните 147 пријавени учесници. Годинава рекорден е и бројот на пријавени учеснички во женска конкуренција, 26. Организациски, маратонската трка помина во најдобар ред без никакви проблеми, вели Пецо Неданов – Претседател на Здружението „Охридски Атлетски маратон 2012“.

„Оваа многу тешка маратонска трка која е предизвик навистина за многу искусни маратонци, и е една од најтешките како што кажуваат самите маратонци и секој кој ќе пристигне тука на целта е практично победник на овој маратон“ објаснува Пецо Неданов – Претседател на Здружението „Охридски Атлетски маратон 2012“.

На годинешното издание на маратонот трчаше и Министерот за финансии на РМ, Драган Тевдовски и тоа за поддршка за лицата со ретки болести.

„Јас со задоволство, втора година по ред учествувам, ми дава многу убава енергија. Оваа година трчав за поддршка на лицата со ретки болести и мислам дека и други јавни личности треба да се вклучат во поддршка за нив. И мислам дека наредните години треба да направиме се, овој охридски маратон да стане попоуларен и да има поголема поддршка“ апелира Драган Тевдовски – Министерза финансии на РМ.

За првпат оваа година покрај главната маратонска трка се трчаше и рекреативна „Трка на независноста“, во знак на поддршка на лицата со ретки болести. Први на целта од рекреативците пристигнаа Атанас Танчевски и Бојана Наумовска. Атлетскиот маратон во Охрид се одржува од 1976 година, а од годинава го носи името на истакнатиот охридски спортски работиник, Влатко Димитров.