Skip to main content

Градските советници во понеделник повторно ќе заседаваат


Првите две точки од седницата се однесуваат на донесување иницијатива и предлог одлука за распишување на референдум на локално ниво, поднесени од советничката група на ВМРО ДПМНЕ, а на дневниот ред ќе се најдат и точки од сферата на образованието, урбанизмот и точка со која треба да се заштити стариот чинар.

 |   | 

Како што е најавено, на седницата, советниците ќе расправаат за предлог заклучокот за прифаќање на Иницијативата за распишување на референдум на локално ниво и за предлог одлуката за распишување на референдум на локално ниво. Иницијативата е поднесена од советничката група на ВМРО ДПМНЕ, а доколку иницијативата се прифати од советот, охриѓани на референдум ќе можат да се изјаснат:дали сакаат на подрачјето на општина Охрид да се доселуваат лица кои бараат азил.

Советниците, меѓу другото, ќе расправаат и за предлог одлуката за потребата од прогласување на стариот чинар (platanus orientalis) на плоштадот „Чинар“ како „споменик на природата“ и усвојување на елаборатот за валоризација, санација и ревитализација на чинарот (platanus orientalis) на плоштад „Чинар“.

Од сферата на образованието на дневниот ред на оваа седница ќе се најде и предлог одлуката за исправка на Одлуката за давање согласност за формирање паралелки со помалку од 24 ученици во основните училишта во општина Охрид. Од сферата на урбанизмот на дневен ред на седницата се две точки, првата за прифаќање на иницијативата за експропријација на градежно земјиште, додека втората за утврдување потреба од донесување урбанистичко планска документација со цел вклопување на бесправно изградениот објект во Коњско.Седумдесет и четвртата седница на Советот на општина Охрид, во понеделник со почеток во 11 часот.