Skip to main content

Пазарувањето на привремениот зелен градски пазар се претвора во кошмар

Привремениот градски пазар место каде граѓаните купуваат овошје и зеленчук ама и место каде си ги губат нервите. Посебно во понеделник кога е пазарен ден. Околу пазарот владее општ хаос. Тротоарите и коловозот се зафатени со земјоделски производи па не може да се помине, хигиената е на ниско ниво, а надлежните никаде ги нема.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Пазарувањето на привремениот зелен градски пазар се претвора во кошмар , и за купувачите и за пазарџиите и за учесниците во сообраќајот. Ако ве носи патот кон оваа локација, посебно со автомобил, наоружајте се со големо трпение. Сообраќајниот хаос до т.н место градски пазар навистина ќе ве извади од кожа. Иако постои знак забрането паркирање и задржување улицата која води кон влезот на подзмените гаражи на зградата во непсредна близина на пазарот е најчесто попречена за движење од паркирани возила кои вршат дотур на стока.

Тротоарите околу пазарот се претворени во продажен простор со поставување на импровизирани тезги, гајби и картони на земја, а денес бидејќи беше пазарен ден и коловозот за мотороните возила беше окупиран со сезонско овошје и зеленчук. Производителите на земјоделски производи од околните села за несоодветни услови плаќаат и по 100 денари дулија за она што градските власти и јавното претпријатие го нарекуваат градски пазар. Околу таканаречениот пазар во понеделник индивидуалните производители не по своја вина се изложени на недостоинствена продажба на она што го сработиле со многу труд.

Тони Коталески , директорот на ЈП „Градски пазар“ , не одговара зошто им наплаќаат на луѓето дулија и дозволуваат продажба на земјоделски и овошни производи на импровизирани тезги на земја кога за тоа нема услови и е под секакви стандарди.
Оваа неубава слика на ваквиот импровизиран пазар ја надополнуваат и контејнерите за отпад на еден од влезовите на пазарот од кои се шири неубава реа. Условите под кои се продава храна се под секое ниво а укажувањата на граѓаните дека оваа локација каде привремено се смести пазарот не ги задоволува потребните услови се покажаа како издржани. Но гласот на граѓанинот никако да стигне до совеста на директорот Тони Коталески. Тој очигледно не чувствува никаква потреба да излезе пред јавноста и да одговори на прашањата на граѓаните, истите оние граѓани кои плаќаат давачки за тој како директор на јавното претпријатие да зема плата и да работи посветено на обезбедување квалитетна јавна услуга.

И денеска директорот на ЈП „Градски Пазар“, Тони Коталески остана недостапен за коментар. Од првиот ден кога почна дислокацијата на градскиот пазар до денес, Коталески не одговара на нашите повици, на нашите смс пораки за изјава во врска со условите на ова место што би требало да претставува зелен пазар.
Изградбата на зелениот современ пазар ќе потрае, а дотогаш охриѓани и по некој љубопитен турист кој сака да види што се нуди на пазарот ќе пазаруваат како да се во 19тиот век.