Skip to main content

Изгласана предлог одлуката за потребата од прогласување на стариот Чинар како „споменик на природата“

Стариот чинар во Охрид ќе биде прогласен за споменик на природата од трета категорија, одлучи Советот на Општина Охрид.

 |   | 

Согласно елаборатот кој го изготви Друштвото за еколошки консалтинг „Деконс Ема“ од Скопје во рамки на проектот на Одделението за заштита и влијание врз животната средина при општина Охрид, единаесет века стариот чинар во центарот на Охрид како и уште неколку стари дрва во градов ќе бидат ревитализирани и соодветно заштитени.

„Целта е низ валоризација на степенот на загрозеност на стеблото да се направи програма за негова заштита која ќе има за цел да се испита она што е направено претходно како заштита со години, за што заклучивме дека всушност и не била квалитетна заштита затоа што во самото дрво се случуваат некои процеси на гниење. Предлагаме мерки за отткривање на она што е како подлога направено и подготовка на нова подлога за заштита на дрвото на годишно ниво, долгорочно и стабилизација на крошната“ вели Менка Спировска, управител на Друштвото за еколошки консалтинг Деконс Ема.

Во елаборатот за валоризација содржана е и програма за заштита и одржување на Чинарот и на подолг времески период, а за таа намена општината треба да обезбеди финансиски средства.

„Па тоа не се големи пари, ете јас би рекла на годишно ниво околу 15.000 евра. Но поголемиот дел се за да се открие она што веќе е направено, некоја заштита, да се заштит дрвото, да се обезбеди стабилизација на крошната и редовно уредување на есен и на пролет на неговата крошна“ кажа, Менка Спировска- управител Друштво з еколошки консалтинг „Деконс Ема“.

Процедурата на прогласување на Чинарот за споменик на природата започна со одлуката на советот, која потоа ќе биде проследена до министерството за животна средина каде со акт ќе се изврши прогласувањето на споменик на природата. Во иднина слична постапка ќе има и за другите чинари во Охрид, како и и на познатиот кочеџик кај црквата Св. Богородица Перивлепта.

Овие стебла беа прогласени за природно наследство според стариот закон од 1973 година и требаше да се отпочне нова постапка за нивно препрогласување, односно да се стават во законска рамка според постоечкиот Закон за заштита на природата.