Skip to main content

Охридските пензионери и годинава се снабдија со дрва на рати

Пензионерите и годинава купуваат дрва на рати. Тоа им го овозможува пензионерското здружение преку Клубот на пензионери, преку кој клуб огревното дрво можат да го платат одложено на 10 рати.

 |  Николоска Биљана  | 

Клубот на пензионери од Охрид и Дебрца е едно ретките здруженија кое во рамки на својата годишна програма редовно ја има активноста, снабдување на пензионерите со огревно дрво на одложено плаќање. Претседателот Ѓорѓи Трпчевски вели дека годинава обезбедиле околу 5000 метри кубни дрва, бука и даб, што сметаат дека со оваа количина успеале да ги задоволат потребите за оваа сезона за сите кои се запишале на нивниот список.

На време е извршена оваа набавка на дрвата затоа што не можат пензионерите сами да извршат одеднаш снабдување и во кеш да платат 25 до 30 000 денари, затоа ние го негуваме овој начин преку клубот на пензионерите“.

Трпчевски открива дека доставата на дрва на околу 800 семејства во Охрид е при крај, односно дека останале уште 10 проценти кои што чекаат дрва. Тој вели дека големо олеснување во оваа активност е тоа што Клубот на пензионери презел обврска доставата на дрва да оди преку нив.

Превозот оди преку нас, порано тоа го организираше претпријатието Македонски шуми Галичица, а сега само имаме договор за снабдување а превозот го организираме ние, склучуваме договори со превозниците и затоа многу побрзо оди снабдувањето со дрво. Ние очекуваме дека до крајот на месецов сите пензионери ќе бидат снабдени со дрво“.

Трпчевски вели дека наплатата оди нормално, но сепак дека има неколку корисници кои доцнат со исплата на ратите, па ги замолува сите кои ја немаат подмирено ратата тоа да го направат во предвидениот рок за да не дојде до преземање на непопуларни мерки, тужби итн. Инаку, цените на огревното дрво се идентични како и минатата година односно буката кошта 2600 денари, а дабот 2700 во која цена е вклучен и превозот до крајните корисници.