Skip to main content

Проблемите на полициите од регионов се речиси идентични

Преку интензивна соработка на полициските синдикати од земјиве во регионов, преку формирање на еден вид на лабава асоцијација, можно е значително да се подобрат условите за работа на полицијата.

 |   | 

Кога сите бегаат од опасноста, полицијата се соочува со неа. Неспорно, потребна е поголема грижа за безбедноста на полицијата во земјиве од регионов. Преку интензивна соработка на полициските синдикати од земјиве во регионов, преку формирање на еден вид на лабава асоцијација, можно е значително да се подобрат условите за работа на полицијата.

„Идејата е преку вакви средби да поттикнеме иницијатива за продлабочување на соработката на полициските синдикати од Балканот, бидејќи се соочуваме со исти проблеми во работата, плати, униформи, опрема, она што знаме дека е проблем кај нас, а и кај службите од регионот. е формирање лабава асоцијација која ќе се занимава со проблемите и ќе нуди помош зависно потребите на секоја земја која ќе побара“, истакна Ацо Антовски, претседател на Македонскиот полициски синдикат.

Поддршка на соработката на синдикалните организации во регионот даде и Герд Прием, Генералниот секретар на Советот на европските полициски сили. Тој истакна дека оработката меѓу полициските служби во регионот, но и пошироко во Европа е пример и за политичарите како треба да се соработува за заеднички интерес. Полициските службеници насекаде се соочуваат со идентични проблеми, потешкотии, така што меѓусебната соработка придонесува за остварување на целите на нашите синдикални организации, а тие се подобри услови за работа на полицајците, техничка опременост, сето во насока на подигнувањето на степенот на нивна лична безбедност во секојдневните активности.

„Не само на Балканот туку на секаде во светот полицијата треба да работи во подобри услови, мора да се грижиме и за луѓето и за опремата. Полицијата е секогаш еден чекор понапред, еден чекор напред, кога сите бегаат од опасноста, така да мора да ги заштитме нашите луѓе, да ги заштитиме полицајците, особено во регионов“ потенцира Герд Прием, Генерален секретар на Советот на европските полициски сили.

Македонскиот полициски синдикат моментално интензивно преговара со Министерството за внатрешни работи за подобрување на условите за работа на полицијата, а веќе се остварени и две средби, со претставници од ресорното министерство за обезбедување на средства од проектираниот буџет за 2018-та година.

„Имаме доставено барање до новото раководство на Министерството со барања за зголемување на платите, обезбедување униформи, нови возила за потребите на полицијата, подобрувње на условите за работа, преземање мерки за поголема безбедност и здравје при работа. Очекуваме во проектираниот буџет да бидат изнајдени средства за решавање на дел од тие проблеми за наредната година“, појасни Антовски.

Македонскиот полициски синдикат денеска ќе потпише Договор со осигурителната компанија „Триглав“ со што од сопствени средства на своите 7.500 членови ќе им обезбеди дополнителни премии при евентуални повреди и незгоди на работно место.