Skip to main content

За едни фасцинантен за други „новиот Хитлер“

Американскиот претседател Доналд Трамп е во фокусот на вниманието откако вчера првпат им се обрати на светските лидери од говорницата во Обединетите нации.

 |   | 

Американскиот претседател Доналд Трамп е во фокусот на вниманието откако вчера првпат им се обрати на светските лидери од говорницата во Обединетите нации.

Трамповото обраќање на Генералното собрание беше проткаено со остри критики, пред сѐ на сметка на Северна Кореја, и предизвика противречни мислења кај одделни светски лидери.Шефот на иранската дипломатија Мухамед Џавад Зариф оцени дека обраќањето на Трамп во ОН бил „говор полн со омраза и незнаење“.Се огласи и иранскиот претседател Хасан Рохани кој ги предупреди САД дека ќе ја изгубат довербата на меѓународната заедница ако го напуштат нуклеарниот договор со Техеран.

Во почетокот на говорот Трамп подвлече дека „Америка сака хармонија и пријателство“, но некои делови од светот едноставно одат по ѓаволите“. Според него „отпадничките режими се закана за светот“ и директно посочи на Северна Кореја и Иран.

„Тие им помагаат на раширените терористички мрежи. Тоа се Северна Кореја и Иран. На противниците САД им порачуваат дека американската војска ќе стане појака од кога било во историјата“, кажа Трамп.

За Иран, Трамп кажа дека станува збор за „економски празна отпадничка чиј единствен извозен производ е насилството“. Нуклеарниот договор со Иран Трамп го нарече „срамен“ и додаде дека светските лидери не можат да го почитуваат тој договор доколку овозможува продолжување на иранската нуклеарна програма.

Власта во Техеран, која тој ја нарече „убиствен режим“ и „корумпирана диктатура“, ја повика да престане „да ги поддржува терористите“ и „да го дестабилизира Блискиот Исток“.

Во согласност со паролата „Америка прва“, претседателот на САД истакна дека неговата земја „засекогаш ќе биде пријател на светот а особено на сојузниците“, но дека Американците се примарната обврска. Тој истакна дека „Америка никому не му го наметнува својот начин на живот“, но дека нему Америка му е на прво место, „како што и на другите политичари би требало да им бидат нивните земји“.

Си-ен-ен пренесува дека и синот и ќерката на американскиот претседател кои присуствувале на обраќањето сметаат дека било исклучително. На прашањето што мисли за првиот говор на својот татко во ОН, Иванка Трамп кажала: „Одличен“, а Ерик Трамп додал: „Фасцинантен“.