Skip to main content

Без пристап до информации не можеме да зборуваме за демократија

Слободниот пристап до информации од јавен карактер е услов за развој на една демократија. Денес во Охрид се одржа работилница „Правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во РМ, досегашни искуства од примената на Законот. Комисијата за заштита предочи дека се соочува со реален проблем, молчење на администрацијата.

 |  Николоска Биљана  | 

Молчењето на администрацијата најголем проблем во имплементација на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Непостапувањето на имателите на информацијата во рокот што е предвиден во законот, 30 до 40 дена е проблем кој ја засега и Комисијата, вели Цвета Трајковска обучувач од оваа комисија. Денес во Охрид на оваа тема се одржа и работилница, каде беше прeтставен Законот, пред претствавници од различни институции, односно иматели на информации. Трајковска посебно се осврна на барателите на информации од страна на новинарите.

„Нашето искуство покажува дека новинарите многу малку го користат овој закон, бидејќи на новинарот му е потребна информацијата од ден за ден, но според овој закон не се изземени новинарите како баратели на информации за нив нема определено рок што би бил пократок во однос на другите баратели, така да го користат само новинари кои што се занимаваат со истражувачко новинарство“

Трајковска појаснува дека со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер не може да се добие одговор на прашање туку само информација која што постои во некаква форма од страна на имателот на таа информација. Според неа во нашата земја има добра имплементација на законот барем според бројот на поднесените барања и жалби кој бил прикажан во нивниот годишен извештај.

Од друга страна пак ние овие информации за молчење на администрација ги имаме од годишните извештаи што ги поднесуваат и од жалбите што се до нас поднесени. Ние знаеме колку жалби се поднесени за молчење, значи тогаш не е одговорено во рокот. Но од годишните извештаи што имателите на информации ги имаат доставено до Комисијата може да утврдиме колку барања има доставено. Кога ќе го споредиме податокот колку барања, жалби има доставено испаѓа дека имателите на информација го спроведуваат законот имаме добра имплементација

Валентина Фидановска кој е член на Комисијата истакна дека целта на Комисијата не е да казнува и да се преземаат мерки и санкции, туку да се натераат одговорните и службени лица во целост да го спроведат законот. Да постапат согласно законот за слободен пристап, да бидат транспарентни, отворени за граѓаните, за нивното тековно и буџетско работење да излезат во пресрет доколку се обрати некој барател со одредено барање. Според неа без пристап до информации, граѓаните не можат да направат правилен избор на програмите и политиките кои имаат влијание врз нивните животи, без добро информирано граѓанство, корупцијата неконтролирано ќе цвета како и тоа дека без пристап до информации не можеме да зборуваме за демократија.