Skip to main content

Трговијата со луѓе се уште постои во Македонија

Трговијата со луѓе се уште постои во Македонија, а последните истражувања покажуваат дека бројката на лица со кои се тргува е многу поголема од официјалната. Најголемиот број од жртвите се жени и девојчиња. Невладината организација „Отворена порта“ започна кампања за едукација на средношколците како да се заштитат и да препознаат доколку тие или некој близок е во опасност.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Лани, во Македонија шест лица биле идентификувани како жртви на трговија со луѓе. Жртвите биле три малолетнички и три возрасни лица. Пет од нив биле сексуално злоставувани и една била присилена на брак. Ова не е реалната состојба бидејќи кај нас сеуште многу малку се пријавува трговијата со луѓе додека во соседните држави веќе отворено се зборува на оваа тема и таму веќе се идентификувани 100 до 150 лица. Поради тоа се организира едномесечна кампања под слоганот „Што гледаш? Биди нивниот глас!“ која има за цел да ја подигне јавната свест и да ги поттикне граѓаните да побараат совет, информација и да пријават трговија со луѓе. Кампањата ја спроведува невладината организација „Отворена порта (Ла Страда)“ која денеска одржа едукативни средби со средношколци од Охрид и Струга.
Кампањата предвидува едномесечен караван низ градовите во Македонија, каде преку средби со младите како лица со највисок ризик сакаме да ги информираме за трговијата со луѓе, да зборуваме за превентивните мерки како можат да се заштитат. Исто така да ги поттикнеме да пријават случаи на трговија со луѓе или да побараат информации, рече Атанасовска – Димишковска.
Во 2002 година се отвори првата и единствена, бесплатна СОС телефонска линија во државата, која е специјализирана за информирање, превенирање и интервенција во случаи на трговија со луѓе. На оваа линија обезбедено е совет, информација, заштита и упатување на вкупно 3114 лица кои се јавиле. Како единствен обезбедувач на помош за тргуваните лица, „Отворена порта“ преку програмата за социјална асистенција од 2005 година има обезбедено сместување, медицинска, правна и психосоцијална помош, вклучување во образование и стручно оспособување на 135 лица.
Ги охрабрувам сите оние кои сакаат повеќе да се информираат или се двоумат дали да се јават а им е потребен совет или подршка да го сторат тоа да се јават на сос линијата и да добијат соодветен совет, вели Димишковска.
Сите кои се соочиле со трговија со луѓе да се јават на телефонскиот број: 0800 11 11 1
Караванот на „Отворена порта“ после Тетово, Гостивар, Струга и Охрид продолжува со едукативни средби со граѓаните од Куманово, Штип, Гевгелија и Скопје.