Skip to main content

Нуркачите исчистија дел од езерото од цврст отпад

Денес на потегот од старото пристаниште до каналот Студенчишта охридските нуркачи го чистеа дното на езерото. Целта е да се подигне јавната свест за зачувување на природните реткости како што е нашето бесценето Охридско Езеро, велат нуркачите. Тие укажаа дека најголеми загадувачи се граѓаните на Охрид, посебно во деловите каде што гравитираат населбите покрај езерото.

 |  Николоска Биљана  | 

Околу 40 вреќи отпад, пластични шишиња, лименки, тенџериња, гуми извадија нуркачите од Охридското Езеро на потегот од старото пристаниште до каналот Студенчишта. И годинава Клубот за подводни дејности Охрид“ и Нуркачниот Центар „Амфора“ ја реализираа традиционалната акција за чистење на езерското дно од цврст отпад. Горан Балевски пренесе дека тие како клуб учествуваат со комплетна опрема но и со голема желба да допринесат во зачувување на ретките природни вредности како што е нашиот oхридски бисер, езерото.

„Акцијата има единствена цел да се влијае на свеста. Јас во неколку наврати сум кажал не дека ние ќе го исчистиме дното на езерото, единствена цел е да се влијае на свеста на луѓето да не го загадуваат овој бисер кој што треба да опстои и за наредните генерации. Езерото го загадуваат охриѓани ретко кога ќе дојде турист од Скопје и ќе донесе машина за перење и ќе го фрли тука во Охрид или тепих

Милутин Секуловски од Нуркачкиот Центар „Амфора“, ја пренесе сликата околу тоа каква е состојбата воопшто со Охридското Езеро. Тој вели дека во подлабоките делови езерото не е загадено, додека пак најголемиот отпад може да се забележи во крајезерските населби.

„Се случува на некои места да се најде и градежен шут, а тоа е делот спрема Трпејца, знаете дека оној момент кога почнаа со рушење на одредени диви градби доста од тој шут заврши на дното на езерото така да во подлабокиот дел на Трпејца може да се најде

Акцијата целосно е поддржана од општина Охрид. Годинава за таа цел биле издвоени средства во висина од 80 000 денари.Пораката на нуркачите е јасна и треба да влијае врз секој граѓанин, а тоа е што помалку да го загадуваме езерото со цврст отпад. Клубот за подводни дејности Охрид“ и Нуркачниот Центар „Амфора“ скоро две децении ги прават акциите за чистење на езерото од цврст отпад .