Skip to main content

На обештетување од земјотресот од јули охриѓани ќе чекаат формирање на владина Комисија

Утрово охриѓани беа вознемирени од нов земјотрес. Потресот од 3,2 степени ги потсети на случувањата од летото. Граѓаните чии домови  беа погодени од земјотресот на 3 јули го чекаат обештетувањето. Општинската комисија по направената проценка утврдила штети на приватни и јавни објекти во висина од 1 милион евра. Сега на потег е владината Комисија да реши колку пари ќе добијат охриѓани  за санација на домовите.

 |  Валентина Неловска  | 

Во 9 часот и 54 минути охриѓани почуствуваа земјотрес со интензитет од 3,2 степени. Епицентарот на слабиот земјотрес бил на 5 километри источно од Охрид, а е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III до IV  степени според Европската макросеизмичка скала. Потресот утрово ги потсети охриѓани на земјотресот од 3 јули кога беа оштетени поголем број куќи и јавни објекти кои чекаат обештетување од државата за санација. До општинската Комисија за проценка на штети од елементарни непогоди пристигнале 862 барања и била утврдена штета во висина од 58 милиони денари или околу 1 милион евра. Од нив 48 милиони денари штета е утвредна врз станбени објекти и 9 милиони денари врз деловни субјекти , вели Раде Велјаноски претседател на општинската комисија. Направениот Елаборат доби зелено светло  од охридските советници и на 30 август e проследен до Владината Комисија за проценка и утврдување на штети од елементарни непогоди, информира Велјаноски.

„Досега како општинска комисија и Локална самоуправа немаме повратно известување од републичката комисија. Законскиот рок на општинската комисија е да направи проценка 2 месеци, а Влада 6 месеци или една година има законски рок да извести“, вели Велјаноски.

Во Охрид има голем број објекти од 4-та и од 5-та категорија кои претрпеле сериозни оштетувања. 15 објекти кои не се за живеење, а чии семејства чекаат помош за санирање на домовите, вели Велјаноски.

„ Најави од Влада има дека наскоро ќе бидат исплатени штетите од земјотресите, но и од мразевите и поплавите од 2015 и 2016 година само зависи колкав ќе е процентот дали ќе е сто посто или некој друг процент “, посочува Велјаноски.

ТВМ го контактираше владиниот портпарол со прашање до каде е постапката по испратениот општински Елаборат по кој треба да одлучува Второстепената Комисија за проценка на штети од земјотресите. Од таму го добивме следниот одговор:

Дo Кoмисијaтa, зaклучнo сo денoт нa рaзрешувaње нa истaтa 11.07.2017 година, не е дoстaвенo бaрaње oд Општинa Охрид. Дoпoлнителнo е прoверенo кaј секретaрoт нa кoмисијaтa и се кoнстaтирa декa нa 11.09.2017 година, тoa бaрaње oд Охрид е дoстaвенo дo кoмисијaтa нo бидејќи истата е рaзрешенa, пo бaрaњетo не мoже дa се пoстaпи се дo пoвтoрнo именувaње нa нов сoстaв нa кoмисијaтa.

Охриѓани кои претрпеа штети од земјотресот ќе чекаат на новата комисија за која немаме информации кога повторно ќе биде составена.