Skip to main content

Цветановска апелира: Најдете време за превентивни прегледи

Не срамете  се, не одложувајте, најдете време за прегледи, апелира до жените, Билјана Цветановска која се соочи со борба  против карционом на дојка. Навремената контрола и раното откривање на ракот на дојка значи победа на болеста. Охрид заборави на розовата панделка во октомври меѓународниот месец за  борба против ракот на дојка.

 |  Валентина Неловска  | 

Билјана Цветановска е само една од охриѓанките кои се соочиле со борбата против карцином на дојка. Пред 4 години, сосема случајно и бил дијагостициран ран стадиум на ова заболување. Не е ни малку пријатна веста, збунувачка е и полна со прашалници, вели за тие моменти Цветановска. Поминала моменти, како што вели, на сooчување со стрaвот и борбата со болеста. Во лавовскатa борба со неа било и нејзиното семејство. Цветановска не сака да зборува низ што се поминала во текот на лекувањето, но сака во знак на розовиот октомври да помогне со добронамерен совет до своите сограѓани. Порачува контролирајте се и навреме спречете ја болеста.

„ Најважна од се е превенцијата. Жените нека не се срамат и нека не одложуваат време за прегледи што поскоро да преземат иницијатива, да не чекаат. Има разни акции со покани и писма за жени над 50 години да се јават на мамографија и ехо прегледи, но нека не чекаат само на тоа. Секоја грижа за своето здравје значи добро за себе, но и за семејството“, апелира Цветановска.

Во Охрид, розовиот октомври досега минува без некаква активност со која би се сензибилизирала јавноста за ова тешко заболување. Розовата боја и панделка се избрани како меѓународен заштитен знак за борба против болеста со цел да се подигне јавната свест. Посебно е драгоцена помошта од здруженијата за борба против ракот на дојка. Цветановска напоменува дека за разлика од други градови, во Охрид недостасува активно здружение за помош на луѓето кои ја поминуваат оваа фаза од животот. Оперативниот зафат поминува, но доаѓа потешката фаза справувањето со доживеаниот психички шок. Лицата поминуваат низ тешки моменти, а се препуштени сами на себе, подвлекува Цветановска.

„ Нема здружение во Охрид кое ќе помогне за полесно да се снајдат во новиот живот со помош специјалисти, психотерапевти, дружење со жени кои имале слично искуство и поминале низ тој пат. Сето тоа ќе им го олесни животот дури и на членовите од семејството за да се снајдат со новата состојба за да продолжат со животот понатака, објаснува Цветановска за потребата од постоење на здружение во Охрид.

Д-р Слободанка Коцевска, од охридскиот Центар за јавно здравје, ги презентира статистичките показатели за заболувањето карцином на дојка во општина Охрид. Бројките покажуваат дека минатата година во Охрид рак на дојка бил регистриран кај 250 лица. Од нив 3-ца биле мажи. Од ова малигно заболување со 32, 8 проценти најбројни се заболени пациенти на возраст помеѓу 65 и 74 години. Следува со 31,5 посто возрасната група од 55 и 64 години и на трето место е возрасната категорија од 45 до 55 години со 23,5 проценти.
 Во 2015 бројот на заболени од рак на дојка 224 од кои 8 мина регистрирани биле мажи. Во 2014, пак биле регистрирани 223 заболени од рак на дојка, а од нив 10 биле мажи.