Skip to main content

Катна гаража на паркингот зад Ривиера ќе се гради, но неизвесно кога

Долго најавуваната катна гаража на паркингот зад Ривиера ќе се гради, но неизвесно кога.  Агенцијата за стопанисувања со станбен и деловен простор кои се инвеститори на овој капитален проект не откриваат детали околу динамиката со која течат работите.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Долго најавуваната катна гаража на паркингот зад Ривиера ќе се гради, но неизвесно кога. Агенцијата за стопанисувања со станбен и деловен простор кои се инвеститори на овој капитален проект не откриваат детали околу динамиката со која течат работите. Од таму велат:

Изградбата на катната гаража во Охрид, во близина на Центарот за култура “Григор Прличев“ е предвидена со Годишната Програма за изградба, продажба и одржување на станбениот простор во сопственост на Република Македонија , меѓутоа текот на активностите кои ќе се превземаат за нејзина изградба ќе зависи директно од приливот на финансиските средства со кои располага Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката. Акционерското друштво се надева на позитивен резултат што поскоро да отпочнат активностите за изградба на оваа катна гаража, која секако претставува општ интерес и е од локално значење за граѓаните на Охрид но и за туристите кои го посетуваат овој град.


Во постапката за изградба на оваа катна гаража имаше одредени застои. За катната гаража е изработено идејно решение но постапката за избор на фирма што ќе ја изработи проектната документација според тоа идејно решение беше поништена. Дополнително изградбата ја одложуваат и нерешените имотно-правни односи. Во тек е процедура за обештетување на граѓаните кои што имаат дел од земјиштето во која е зацртана градбата на катната гаража. Според идејниот проект гаражата ќе има приземје и четири ката, а ќе се протега на површина од 4.500 метри квадратни. Претходниот состав на владата за овој проект во соработка со Локалната самоуправа на Охрид направи специјален план со кој беше променето деталното урбанистичко решение со цел да се изгради катната гаража која терба да обезбеди паркинг места за околу 250 возила.
Долго време паралелно со катната гаража кај Ривиера беше најавувана и изградба на катна гаража кај СРЦ Билјанини Извори.
Но Државната енергетска компанија ЕЛЕМ која што требаше да ја гради оваа гаража се откажа од проектот. Новото раководство на компанијата неодамна обелодени дека во наредниот период ќе се насочи само кон реализација на проекти од нејзината основна дејност, а тоа е производството на електрична енергија.

Инаку и во програмата на новиот градоначалник во делот за капитални проекти како приоритет е наведено изградба на катни гаражи во централното градско подрачје, а како рок за реализација на ова ветување е наведена 2018год.

Минатиот градоначалник Никола Бакрачески на последната прес конференција поврзана со изградбата на градскиот пазар кажа дека под пазарот предвидена е подземна гаража со сто паркинг места. Реализацијата на овие проекти во голема мера ќе го намалат долгогодишниот проблем на градов со немање доволно паркинг простор.