Skip to main content

Али пашината џамија и понатаму се гради без одобрение

На Али пашината џамија и понатаму се гради без одобрение, тврдат од Здружението за заштита и афирмација на културни вредности „Совест“. Од таму објаснуваат дека и од НУ Завод и музеј за заштита на спомениците  побарале да се стопираат градежните работи на џамијата. Но ова барање никој не го испочитувал.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Реконструкцијата и конзервацијата на Али пашината џамија која се наоѓа во строгиот центар на градот сеуште ја бранува охридската јавност. И покрај тоа што нема одобрение за градба од страна на Министерството за транспорт и врски, таму се вршат градежни работи, тврдат од Здружението за заштита и афирмација на културни вредности „Совест“. Зафатите на овој објект започнаа уште пролетта и уште тогаш се градеше на терен иако Завод и музеј имаше издадено само одобрение за конзервација и реставрација на објектот, вели претседателот на „Совест“ Михаил Трендафилов Нанче. Тогашната директорка на Заводот, Тања Паскали Бунташеска околу овој проект на 17 мај за Телевизија ТВМ ја даде следната изјава:

Ќе се направи реконструкција на минарето кое постоело за што постојат и фотографии врз основа на што е изготвен проектот и ќе го реконструираме минарето онакво какво што било. Ќе се направи комплетна конзервација на објектот и ќе го вратиме во првобитна состојба таков каков што бил некогаш. Проектот е изработен според Законот за заштита на културно наследство и според сите конзерваторски принципи за конзервација на еден објект. Така да тоа што постои некаква фама во јавноста за висината на минарето нема никаква основа бидејќи сето тоа што се прави е сосема легално, законски бидејќи во нашите закони стои доколку постојат податоци каков бил објектот кога се изградил има можност за негова реконструкција, рече Паскали Бунташеска.

По само неколку дена, на 25ти мај Завод и музеј до ИВЗ испратил Барање за прекин на градежните работи, потпишано токму од екс директорката Паскали, објаснува Нанче. Тој цитираше дел од барањето:

Бидејќи во тек е процедура за добивање одобрение за градење врз основа на изработен конзерваторски проект и е добиено конзерваторско одобрение, неколку пати ви кажуваме да ги прекините градежните работи се до добивање на одобрение за градење бидејќи нашите усни наредби не се исполнуваат бараме да се направи прекин на горенаведениот проект.

Одобрение за градба нема до ден денес, вели Нанче. Тој е дециден дека тоа што се прави на овој објект кој е прогласен за поединечно заштитено споменичко добро се гради бесправно. Додава дека Здружението „Совест„ и понатаму ќе реагира до надлежните институции да прекинат со работите на џамијата се додека не се даде такво одобрение и додека целокупната постапка не е во согласност со законот.