Skip to main content

Водата во Струга небезбедна за пиење

Водата во Струга матна и небезбедна за пиење. Од Центарот за јавно здравје велат таа да не се употребува се додека не се дадат официјални податоци дека е исправна и параметрите ги задоволуваат потребните стандарди. Причина за заматувањето се обилните дождови и дотраеноста на водоводната мрежа.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Водата во Струга небезбедна за пиење. Тоа го покажаа денешните анализи од ЦЗЈЗ преку кои е констатирано дека има голема матност на водата, но за среќа не се забележани некои патогени бактерии.

Веднаш алармиравме и ги известивме инспекциските служби и Агенцијата за храна и ветеринарство кои веднаш постапија согласно нивните процедури и согласно законските прописи така да донесено е решение водата да не се користи за пиење, вели Сашо Точков- директор на ЦЗЈЗ.

ЦЗЈЗ препорачува водата воопшто да не се употребува за пиење се до оној момент додека не се констатира дека таа е безбедна и дека нема никаква опасност по здравјето на граѓаните.

Се надеваме дека до крајот на денот сето тоа ќе се регулира. Ние ќе ги информираме инспекциските служби и надлежните во Проаква дека е со дозволен квалитет, но тоа не верувам дека ќе биде до крајот на денот, објаснува Точков.

Ова не е прв пат да се случи водата од струшкиот водовод при пообилни врнежи од дожд да се замати. Тоа е аларм за надлежните да интервенираат на негова реконструкција. Во охридскиот регион водата за пиење е исправна, велат од ЦЗЈЗ. Нивните контроли продолжуваат во интерес на безбедноста на граѓаните.