Skip to main content

На дел од улицата Вардар да се вратат скаличките бараат жителите од Кошишта

 На дел од улицата Вардар да се вратат скаличките бараат жителите од Кошишта.  Жителите реагираат на промената на улицата по завршената изгрaдба на  куќа во близина на цркватa СВ Архангел Михаил. Сопственикот не го исполнил ветувањето дека по завршување на градежните работи ќе ја врати уличката во првобитната состојба. 

 |  Валентина Неловска  | 

50-тина жители од Кошишта бараат на дел од улицата Вардар да се вратат скаличките кои ги имало претходно на улицата. Во барањето кое го доставија до редакцијата на ТВМ жителите од Кошишта, од улиците Кирил и Методиј, Стив Наумов и Гоце Делчев се револтирани што е променет видот на коловозот на дел од патот на улицата Вардар по изградбата на индивидуалната станбена зграда.

Тие во барањето го наведуваат името на поранешниот секретар на општина Охрид, Димитар Спасески кој ветил дека по завршување на градбата ќе ја врати улицата во првобитна состојба. Скаличките кои водат до црвката Св. Архангел Михаил им го олеснувале движењето на повозрасните жители. Сега на овој потег стрмната уличка е поплочена и приспособена за пристап со автомобил до новоизградената куќа.

ТВМ Телевизија го контактираше Ангеле Буџакоски, претседател на МЗ Кошишта,  кој го потврди барањето на жителите. Буџакоски кажа дека пред два месеци, во период пред изборите,  до Фондот за комунален развој поднесол барање да се вратат скаличките кои водат до црквата Св. Архангел Михаил. Од таму добил одговор дека скалички не може да се изградат, но ќе се постават држачи. Засега нема ни скалички ни држачи, а посебно е тешко движењето во зимскиот период, наведуваат кошиштани.

Пред две недели истото барање на жителите Буџакоски го доставил до новата Локална самоуправа во предлог програмата на МЗ за идните активности за 2018 година.